1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Добредојдовте во Америка мистер Чен!

Кина и САД ја ставија ад акта дипломатската криза околу Чен Гванченг. Борецот за човекови права е на пат за САД.

Чен Гванченг видливо возбуден, но и загрижен, се качи со семејството во авионот за САД. 40-годишниот Чен беше изненаден како се‘ „наеднаш“ заврши. Тој татковината ја напушти со загриженост дека локалните функционери би можеле да им се одмаздуваат на неговите роднини во родното село.

Со полетувањето за Америка, денеска заврши најтешката дипломатска криза меѓу САД и Кина во последните години. Експертите имаат пофалби за двете страни поради тоа што вешто го решиле проблемот, без да им се нанесе штета на односите на двете најголеми економски нации во светот.

Chen Guangcheng Abflug Peking

Чен Гванченг на аеродромот во Пекинг денеска, пред да полета за САД

Така американскиот претседател Барак Обама може на своето конто пред изборите да забележи надворешнополитички успех. Кина пак, демонстрираше дека се држи до ветеното.

Професорот Чен Ксиаохе од Народниот универзитет во Пекинг, експерт за меѓународни односи, оценува: „Порано двете земји ги ’дуваа’ малите работи, а сега има тренд големите работи да се ‘спуштаат’.“

Судбината на Чен во САД е неизвесна. Националистичкиот кинески весник на англиски јазик „Глобал Тајмс“ предвидува дека неговото влијание ќе се намали и притоа се укажува дека слична била судбината и на други дисиденти кои заминале во странство. Сепак, Ванг Дан, поранешен лидер на студентското движење од 1989 година, кое во Кина беше крваво задушено, на тоа гледа поинаку. Ванг Дан, кој денес живее во егзил и кој смета дека благодарение на средствата за масовна комуникација, особено интернетот, денес може да се влијае и од странство, порачува: „Добредојдовте во Америка мистер Чен“.

Чен е еден од многуте адвокати автодидакти во Кина кои се ангажираат за човекови права. Гневот на кинеското раководство врз себе Чен го предизвика пред се‘ со критиките на политиката „едно дете“. По затворската казна, тој од 2010 година беше во домашен притвор. На 22 април годинава успеа да побегне и засолниште побара во американската амбасада во Пекинг. На втори мај Чен ја напушти амбасадата и замина во болница на лекување на скршеното стапало. Во извештаите од Кина се велеше дека дисидентот добил гаранции за безбедноста од владата во Пекинг и дека ќе остане во Кина. Ден потоа (03.05) Чен најави дека сака со семејството да отпатува во САД. За Си-Ен-Ен тој рече: „Се чувствувам многу несигурно. Овде не можат да бидат гарантирани моите права и безбедност.“ Чен мислењето го променил по разговорот со сопругата, која му опишала дека била тепана откако тој побегнал во американската амбасада. „Го молам претседателот Обама да стори се‘ што е во негова моќ за нашето семејство да ја напушти Кина“, рече тогаш Чен, додавајќи дека стравува за судбината на своите најблиски.

Сега Чен може да ги поткрепи своите познавања од сферата на правото со студии на универзитетот Њујорк. Оттаму му е веќе понудена стипендија за студирање, што е земено и како повод од американска страна да бара од кинеските власти тој да добие дозвола за да ја напушти земјата.