1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Добредојде 2014-та!

Со огномети и добри желби луѓето ширум светот ја дочекаа новата 2014-та година. Најголемата забава на отворено во Германија се одржа во Берлин.

На најголемата забава за дочек на новата година, пред Бранденбуршката капија во Берлин, се собраа стотици илјади луѓе. Тие гласно во хор ги одбројаа последните секунди од старата и со огромен огномет и добри желби за иднина ѝ посакаа добредојде на 2014 година.

Забавата во Берлин е една од најголемите „опен ер“ забави во светот. Според проценките на туристичкото друштво „Визит Берлин“, во главниот град на Германија на преминот од старата во новата година допатувале околу два милиона туристи. Во срцето на Берлин беше преполно уште од пладневните часови, па влезовите кон местото каде што се одржуваше забавата беа затворени неколку часа пред полноќ. За добра забава се погрижија голем број музичари.

И германската културна сцена се збогуваше од 2013-та година. Членовите на филхармонијата во Берлин го одржаа традиционалниот концерт, на кој присуствуваа и претседателот Јоахим Гаук и канцеларката Ангела Меркел. Се славеше и во другите градови ширум Германија. Во Келн, на пример, огнометот е посебно доживување, а градот уште претходно најави дека ќе бидат затворени дел од мостовите на реката Рајна, за да нема застој поради големиот број пешаци на коловозните ленти.

Silvester 2013/2014 Dubai

Дубаи сака да влезе во Гинисовата книга на рекорди

Спектакл во Дубаи

Еден од најголемите новогодишни спектакли годинава се случуваше во Дубаи. Организаторите најавија најголем огномет во светот. Од 400 различни локации за шест минути беа испукани 500.000 ракети и други пиротехнички материјали. На лице место беа и набљудувачите од Гинисовата книга на рекорди. На програмата беше и одбројување со ракети и инсценирано заоѓање на сонцето.

Новата година прво стигна во Самоа

Први кои ја поздравија Новата 2014-та година беа жителите на јужнопацифичките острови Самоа и Кирибати. Самоа, остров со 180.000 жители, пред две години поради економски причини ја промени страната на датумската граница и оттогаш во Новата година влегува прва (во 11 часот по средноевропско време), а не последна како порано.

Во Русија, поради големиот број временски зони, луѓето ја дочекаа новата година во различно време. Први јануари, сепак, традиционално го најавува големиот часовник на кулата Спаски во Москва. Поради последните напади во Волгоград, голем број граодви во Русија ги зајакнаа безбедносните мерки или сосема ги откажаа прославите.

Silvesterfeuerwerk auf dem Roten Platz in Moskau

Жителите на Москва Новата година ја дочекаа цели осум часа по нивните сонародници на Пацификот

Во Бразил, на познатата Копакабана, 2,3 милиони луѓе ѝ посакаа добредојде на годината во која ќе се одржи светското првенство во фудбал. На температура од околу 30 степени за добра забава се погрижија мизучари кои настапија на три огромни бини.

По примерот на светските метрополи, веќе традиционално, највеселата ноќ беше пречекана и на плоштадот „Македонија“ во Скопје, како и во другите градови во Македонија. Скопјани ги забавуваа македонските музички ѕвезди. Новогодишниот концерт почнa во 21 часот и траеше до раните утрински часови, а точно на полноќ, небото над Скопје беше осветлено со огномет.

Последни новата година ја дочекуваат жителите на Хаваи, цели 24 часа по дочекот на 2014-та во Самоа.