1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Добредојде за Болт, збогување со Фелпс на Олимпијадата

Американската пливачка икона Мајкл Фелпс ќе ја „спушти завесата“ на својата неверојатна олимписка кариера додека вниманието се свртува кон атлетиката и со најголема возбуда исчекуваната трка на 100 метри во историјата.

Уште една трка, уште два круга и со најголема веројатност 18. златен олимписки медал за Мајкл Фелпс. Американската пливачка легенда денеска треба да ја заврши својата олимписка кариера со сто метри пеперутка во штафетата на САД на 400 метри мешано. Американците во „Акватик центарот“ во Лондон испраќаат импозантен квартет во кој се вклучени тројца освојувачи на златен медал на поединечните трки на сто метри во пеперутка Фелпс, во слободен стил Нејтан Едријан и во грбен стил Мет Греверс како и освојувачот на бронзениот медал во Лондон во граден стил Брендан Хансен.

„Мислам дека Мајкл нема да дозволи да се случи нешто погрешно во трката“ , изјави Ерик Шанто, кој пливаше во штафетата во вчерашните квалификации.

Токму како и во синоќешната трка на 100 метри пеперутка во која Фелпс го освои 21. олимписки медал односно 17. златен.

Американецот, во мошне возбудлива трка, победи со време 51,21 секунди, зад него на целта со идентично време 51,44 стигнаа Чад Ле Кло од Јужна Африка и Евгениј Корокишкин од Русија кои го освоија сребрениот медал.

Фелпс и пред освојувањето на овој медал влезе во историјата како најуспешен спортист во историјата на Олимпијадите, а со денешниот очекуван медал само ќе ја зголеми олимписката колекција одличја.

Peking 2008 100 meter Finale Männer

Добредојде за најбрзите луѓе во светот

Збогувањето со Фелпс во Лондон се поклопува со добредојдето за најбрзиот човек на светот, Јусеин Болт. Тој денеска ја започнува одисејата за посакуваната одбрана на трите олимписки злата од Пекинг.

Харизматичниот Јамајканец ќе стартува во квалификациите на трката на сто метри на Олимпискиот стадион во Лондон за да избори место во утрешното финале за кое се вели дека ќе биде едно од најсилните во историјата на Олимписките игри. Во него имено се очекува да настапат четворицата најбрзи луѓе на сто метри во историјата. Покрај светскиот рекордер Болт, тука се и неговите сонародници Јохан Блејк и Асафа Пауел како и Американецот Тајсон Геј. Фаворит за победа меѓутоа не е Болт туку Блејк кој беше поуспешен од славниот сонародник во сите важни трки годинава.