1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Добра одлука на германскиот Уставен суд

Странските медиуми сепак ќе можат да го следат судењето на припадниците на неонацистичкото подземје (НСУ). Таквата одлука на Уставниот суд на Германија овозможува транспарентност и тоа е добро, коментира Уте Шефер.

Највисоката германска судска инстанца, Сојузниот уставен суд, одлучи онака како што претходно требаше да одлучат и судиите во Покраинскиот суд во Минхен: на странските медиуми треба да им биде дозволено следење на процесот против припадници на НСУ и тоа во задоволителен број, се наведува во пресудата.

Со оваа одлука Уставниот суд го спречи натамошното заострување на спорот околу известувањето од еден од најголемите судски процеси во германската повоена историја. Одлуката е добра. Бидејќи Германија во странските медиуми, а особено во Турција, беше прикажана во лошо светло поради прашањето дали воопшто и во кој број новинарите од Турција и од другите земји ќе можат да го следат судењето.

Судиите не ја донесоа оваа одлука од политички причини, туку одлуката ја образложија со тоа дека е повредено правото на ист третман во публицистичкиот натпревар. Оваа одлука покажува одлична политичка чувствителност. Судот со оваа пресуда во последна минута решава еден спор кој би фрлил голема темна сенка врз процесот кој се води против припадниците на НСУ. Впрочем, германската и меѓународната јавност со овој процес ќе се занимаваат најмалку две години.

Оваа одлука е добра и од политички агол. Судовите во Германија одлучуваат самостојно за прашањата како што е давањето дозволи на странските медиуми. Од друга страна, за германскиот правосуден систем од пресудно значење е процесите да се одвиваат јавно. За тоа постои закон кој е многу јасен: „Судењето, вклучително и изрекувањето на пресудата и заклучоците, е јавно“. Таа јавност и транспарентност претставуваат голема вредност. По нив се разликуваат правните држави од оние кои тоа не се.

Зацврстување на правната држава

Во Германија нема сензационалистички и монтирани процеси како во други делови на светот. Правното расветлување е разбирливо и тоа нема што да крие. Истите правила важат за сите. Медиумите се тие кои ги пренесуваат информациите. Нивната задача е да се погрижат информациите да дојдат до

Deutsche Welle Chefredakteurin Ute Schaeffer altes Format

Уте Шефер

јавноста и да бидат транспарентни, што ја зацврстува правната држава и ја прават уверлива.

Тоа особено важи за процесот против членовите на НСУ кој може да се означи и како историски. Се работи за процес во кој му се суди на десниот екстремизам во Германија. Неонацистите извршија десет убиства. Жртвите беа убивани само затоа што биле од турско или грчко потекло. Во последните 25 години во Германија се забележани 150 жртви на десничарското насилство. Странските медиуми затоа се прашуваат, колкава е опасноста од десните екстремисти во Германија?

Овој процес не е важен само за Германија. Очите и ушите на целиот свет се вперени кон него. Нам и треба да ни биде важно тие да гледаат и да слушаат. Само на тој начин може да се урне ставот на некои странски медиуми дека тука постојат различни мерила, дека не се делува одлучно или дека на истрагата не и‘ се пристапува со цело срце.

Во процесот против припадниците на НСУ треба од правен агол да биде расчистена одговорноста на обвинетите за убиство на десет граѓани. Странската јавност сака да слушне и многу повеќе - за грешките во истрагата за десничарското насилство. Како можеше да се случи надлежните да го тргале погледот, да се уништуваат документи, службите за заштита на уставниот поредок да не соработувале меѓусебно? Правната држава по тоа прашање погреши на многу места, а јавноста во земјата и во странство сака да знае како се однесува Германија кон таквите престапи. Фактот дека процесот сега ќе биде јавен исто така покажува дека никој не сака ништо да сокрие и дека се’ ќе биде расветлено.