1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Добра вест за целата Европска унија

Европските политичари го поздравија изгласувањето доверба на грчката влада во парламентот во Атина. Тоа е важен чекор што радува, но сега следува најважното: парламентот мора да го усвои новиот пакет за штедење.

default

Очите на цела Европа доцна синоќа беа свртени кон Атина. Телевизиите со редовни вклучувања во живо дополнително ја зголемуваа и онака големата напрегнатост пред одлучувачкото гласање во грчкиот парламент. И конечно следуваше веста која предизвика задоволство и пред се’ олеснување кај многу политичари во ЕУ.

Претседателот на Европската комисија, Жозе Мануел Баросо денеска порача дека одлуката на грчкиот парламент да и изгласа доверба на владата на премиерот Јоргос Папандреу е „добра вест за Грција, но и за целата Европска унија“.

Barroso im EU Parlament

Претседателот на Европската Комисија, Жозе Мануел Барозо

Баросо притоа ги повика Папандреу и неговата влада да ги концентрираат сите свои сили за да ја добијат поддршката за амбициозната серија фискални мерки и најавените приватизации, за што е постигнат договор со т.н тројка (ММФ, Европската комисија и Европската централна банка).

„Ако грчкиот парламент наредната недела ги поддржи тие мерки, тоа би овозможило брза исплата на наредната транша финансиска помош за Грција“, рече Баросо.

Самит на ЕУ посветен на грчката криза

И германската канцеларка Ангела Меркел ја поздрави одлуката на грчкиот парламент, но слично како и Баросо и таа истакна дека станува збор за чекор што радува меѓутоа кој сепак е само една етапа:

Bundeskanzlerin und CDU-Vorsitzende Angela Merkel bei der CDU-Kreisvorsitzendenkonferenz in Berlin

Германската канцеларка Ангела Меркел

„Тоа е важен чекор, но наредната недела следува чекорот за прифаќање од страна на парламентот на дополнителните мерки за штедење на кои се согласи Грција во преговорите со тројката. Тоа е предуслов за да ние во ЕУ воопшто се зафатиме со прашањето за дополнителна помош за Грција во форма на нова програма“, рече Меркел во парламентарната комисија за Европа во Бундестагот.

Воочи почетокот на самитот на лидерите на земјите-членки на ЕУ што ќе се одржи утре и задутре во Брисел, Меркел меѓутоа истакна дека посакуваното доброволно учество на приватни доверители во новиот пакет за помош на Грција наидува на поддршка кај многу малку земји од Унијата.

Германскиот Бундестаг побара од германската влада на овој Самит да се заложи токму за вклучувањето на приватните банки и осигурителни компании во пакетот, и со тоа ја услови својата поддршка за натамошната помош вредна десетици милијарди евра.

Автор: СН/АТ/дв/дпа

Редактор: Жана Ацеска