1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Добитниците и губитниците во Бундеслигата во 2012-та година

Додека Борусија Дортмунд освои две титули годинава, Бајерн Минхен сака што побргу да ја заборави 2012. година во која не освои ниту една. Во Бундеслигата меѓутоа има и други победници и губитници.

За Борусија Дортмунд 2012. година беше рекордна: ниту една екипа во Бундеслигата досега не останала толку долго непобедена како Борусија. Резултатот од тоа беше освоеното првенство и купот на Германија. „Бајерн Минхен е многу силен тим и моравме да дадеме се’ од себе“, вели капитенот на Борусија (Д), Себастијан Кел и додава: „Меѓутоа секогаш бевме подоминантни. Беше неописливо. Тренерот Јирген Клоп не можеше да поверува во фактот дека неговите избраници во само една сезона дури трипати го совладаа неприкосновениот Бајерн. Борусија во новата сезона 2012/2013 меѓутоа заостанува зад Бајерн во Бундеслигата, но затоа одигра фантастично во Лигата на шампионите, освојувајќи го без пораз првото место во „групата на смртта“, во која беа шампионите на Холандија, Англија и Шпанија, Ајакс, Манчестер Сити и Реал Мадрид.

Кошмарот на Бајерн Минхен

Додека едни се радуваат, други тагуваат. Ривалот на Борусија, Бајерн во 2012. остана без титула, иако беше близу до три. На сопствен терен во Минхен загуби во финалето на Лигата на шампионите од Челзи. Голманот Мануел Нојер по поразот на пенали изјави дека кај сите играчи се чувствува празнина. „Сите седевме со наведнати глави и не можевме да веруваме во она што се случи“, изјави Нојер.

Финалето на ЛШ беше кошмар и за германскиот репрезентативец Бастијан Швајнштајгер, кој промаши пенал. Бајерн Минхен покрај финалето во Лигата на шампионите го загуби и финалето во купот на Германија од Борусија (Д), зад неа остана и во лигата. Три пати втори. Ова досега му успеало единствено на Бајер Леверкузен. Во оваа екипа во 2012. кариерата ја заврши поранешниот германски репрезентативец Михаел Балак.

Champions League Finale Mai 2012 FC Bayern München gegen FC Chelsea

Бастијан Швајнштајгер во шок по поразот од Челзи

Бундеслигата исто така доби и еден нов клуб. Една година откако во првата лига за првпат влезе Аугсбург во 2012. меѓу најдобрите 18 екипи во Германија се пласираше и Гројтер од Фирт. На двете екипи меѓутоа во есенскиот дел од сезоната 2012/2013 не им оди најдобро и се на последните две места во лигата со само девет освоени бодови.

Скандали и прекини на натпревари

За неславни наслови во медиумите се погрижи Херта од Берлин, која промени три тренери, меѓу кои и Ото Рехагел, германскиот селектор кој Грција ја доведе до европската титула во 2004 година. Херта во хаотичниот натпревар од баражот за останување или испаѓање од лигата загуби од Фортуна од Диселдорф и во сезоната 2012/2013 се натпреварува во втората лига. Натпреварот во Диселдорф беше повеќепати прекинуван поради употреба на пиротехнички средства. Само неколку минути пред крајот ситуацијта излезе од контрола бидејќи навивачите на Фортуна влегоа на теренот и зад себе оставија пустош. Дури однесена беше белата точка од која се изведува пенал. Слична ситуација имаше и во Келн. На последниот натпревар од сезоната 2011/2012, кога веќе беше сигурно дека Келн испаѓа од првата лига, беа запалени чадни бомби. Натпреварот беше прекинат. Неколку недели пред оваа средба со Бајерн Минхен, двајца играчи на Келн се погрижија за негативни наслови во весниците поради инциденти во алкохолизирана состојба.

Напаѓачот на Хамбургер Паоло Гереро пак имаше непромислен потег на теренот. Тој имено направи невидено жесток фаул со кој го покоси голманот на Штутгарт Свен Улрајх, за што забрана за играње на осум натпревари.

Paolo Guerrero vs Sven Ulreich

Жестокиот фаул на Паоло Гереро

Изненадување од Фрајбург и Франкфурт

Големо изненадување во 2012 во Бундеслигата беше екипата на Фрајбург. Тимот кој во минатата сезона се бореше за опстанок, на чело со тренерот Кристијан Штрајх во есенскиот дел на сезоната 2012/2013 успеа да се избори за петтото место на табелата. Изненадувања во актуелната сезона се новајлиите во лигата, Фортуна Диселдорф и пред се’ Ајнтрахт Франкфурт, кој на зимската пауза замина како четвртопласиран на табелата. Инаку Ајнтрахт подолго време во есенскиот дел на сезоната 2012/2013 беше на второто место.

Инаку покрај Борусија Дортмунд успешно на европската сцена во актуелнава сезона се претставија сите германски клубови. Поставен е имено рекорд, бидејќи дури седум германски тимови (Борусија Дортмунд, Бајерн Минхен, Шалке, Бајер Леверкузен, Хановер, Штутгарт и Борусија Менхенгладбах) ќе „презимат“ со пласман во натамошните натпреварувања во Лигата на Шампионите и Лигата Европа.