1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Добивката клучна за промоција на земјоделството

Определбата е земјоделските производители да се презентираат онаму каде носат добивка, вели министерот за земјоделство Љупчо Димовски.

И на годинашниов саем Зелена недела во Берлин Македонија ја претставува само делегација на Министерството за земјоделство предводена од министерот Љупчо Димовски (на фотографијата). Тој традиционално утре (18. јануари) ќе учествува на Самитот на министрите за земјоделство, а ќе има и повеќе билатерални средби. Како вели за ДВ министерот Димовски производителите ќе се претстават на наредниот берлински саем Фрут логистика, како и на Ануга во Келн, зашто ефектите од презентацијата изминатава година само го потврдиле применетиот концепт за промоција - да има презентација онаму каде ќе има и добивка.

„Исклучително сме задоволни од востановениот концепт на презентација на земјоделските производители, зашто резултира со зголемување на извозот што е и наша цел. Конкретно, ова се однесува на склучените договори во деновите на саемската презентација, но секако и подоцна откако контактите се воспоставиле во текот на годината. За илустрација би ги споменал ефектите од минатата година, кога во деновите на саемот Фрут логистика македонските производители склучиле договори за извоз со различни фирми во висина од 4 милиони и 670.000 евра.

Станува збор за договри со 31 нова компанија кои ги посетиле штандот на Македонија и по увидот на презентацијата склучиле договори со излагачите: 'Баџо', 'Туран Иван', 'Агролозар', 'Агрокалем', 'Еко-азас', 'Гоце Делчев', 'Тиквеш', 'Жито Велес' и др. На Ануга во Келн, само во текот на саемските денови биле склучени договори во вредност од 1 милион и 453.000 евра. Или присутните македонски производители само во текот на деновите на овие две саемски манифестации, склучиле договори за околу 6 милиони евра. Но, тоа не е единственото мерило, зашто понатаму соработката со контактите се надоградува и ефектите повеќекратно се зголемени“, истакна министерот Љупчо Димовски за Дојче веле.

Ваквиот позитивен ефект, како посочи Димовски оди во насока на поагресивна промоција на македонските земјоделски производи. Така, согласно програмата за промоција на Министерството, која ја визира владата, годинава за оваа намена средствата се удвоени и изнесуваат 415.000 евра. Со нив треба да се покријат трошоците за закупите и опремувањето на штандовите на земјоделските саеми во повеќе држави. Целата презентација се одвива во договор со бизнис заедницата, земјоделските производители, како и со партнери од земјите каде ќе се настапи.

Македонските земјоделски производители годинава ќе ги претстават своите продукти не само во Германија, туку и во Кина, Руската федерација, но и во Вилнус - Литванија, која е потенцијален интересен пазар за солиден пласман на македонскиот аграр.

Поврзана содржина