1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Добар, но безначаен сигнал

Заедничката акција на водечките централни банки за намалување на каматите очигледно не ги даде посакуваните резултати. На берзите има благо смирување, но ситуацијата и понатаму е сериозна, се вели во оваа анализа на ДВ.

default

Изостануваат посакуваните ефекти

Оф леле, леле: кога најважните централни банки во светот ќе посегнат по заедничко решение, прво по терористичките напади од 11 септември 2001, тоа мора да значи дека глобалниот финансиски систем е до амбисот. Тогаш подобро брзо да си ги продадам акциите. Ова мото, во средата го следеа стотици илијади штедачи низ светот. Она што требаше да биде позитивен и охрабрувачки сигнал, стана сосем спротивното: падот на акциите беше на кратко стопиран, а на крајот на денот салдото повторно влезе на црвено. Така германскиот индекс ДАКС кој на кратко се покачи за 300 поени, на крајот заврши со минус 6 %. И на берзата во Њујорк, индексот Дау Џоунс по почетниот плус на крајот од работењето повторно регистрираше минус од два процента.

Die Kurve des Deutschen Aktienindex DAX

Турбуленции на ДАКС индексот

Каматните промени во реалната економија се чуствуваат за шест месеци

При тоа важи правилото од порано: Кога централните банки ќе ги намалат каматите, тогаш деловните банки со депозит на хартии од вредност може да добија пари под поповолни услови. Според ова правило, така и кредитите за претприемачите и потрошувачите се поефтини. Намалување на каматите може да помогне, да се поттикне стопанството или најмалку да ја ублажи рецесијата. Глупаво е што, според досегашните искуства секоја промена на каматните стапки врз реалната економија, односно врз трендот на потрошувачката и инвестициите, се одразува дури по шест месеци. Кој знае сега што ќе се случува за половина година и колку банки во меѓувреме ќе банкротираат?

Од друга страна покачување на каматите е закана од инфлација. Но, цените на суровините, енергијата и животните намирници веќе се покачени, инфлацијата во еврозоната е околу 4%, поради што Европската централна банка не може да си дозволи ваков чекор. Па сепак, таа се вклучи во акцијата бидејќи сака да покаже: видете, правиме нешто заедно на светско ниво.

Финансиската криза остава траги насекаде

Сигналот од банките не може да има големо влијание. Ако човек е искрен, мора да го земе предвид фактот дека финансиската криза е веќе долго време присутна во реалната економија, секако и во Германија. Во машинската, металопреработувачката и електро индустријата постојано се соочуваат со откажани порачки, и челичната бранша очекува помала побарувачка и пад на цените, на претприеамачите им е се потешко да добиваат кредити за инвестиции, автомобилската индустрија воведува скратено работно време - со еден збор финансиската криза остава траги насекаде. Затоа брокерите ги продаваат своите акции од сите бранши - без разлика дали со намалени или зголемени камати.

Првиот човек на ЕЗБ, Трише разочаран

Deutschland EU Euro EZB Zinsen Jean-Cleade Trichet

Жан Клод Трише

Колку е разочаран претседателот на Централната Европска банка, Жан Клод Трише, за очигледното, речиси безначајно влијание на неговиот сигнал, покажуваат неговите изјави за француската телевизија. Таму тој ги повика актерите на финансискиот пазар „повторно да се вразумат“. Со нивниот „нагласен песимизам“ даваат лош пример, а на крајот на краиштата централните банки со нивното спектакуларно намалување на каматите од средата испратија „сигнал на доверба“. Но, тоа очиглено никој не го сфати така.



DW.COM