1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Добар ден Европо!

Историски ден, празник, датум што ќе остане запаметен. Македонските граѓани не бираат зборови за да ја опишат радоста што ја чуствуваат денеска кога е потврдена одлуката за укинување на визите.

default

Шенгенскиот ѕид паѓа. Европа ја крева рампата. Се зголемуваат можностите за луѓето од Македонија. Младите добиваат поголеми шанси за образование во познатите центри, вредните работници можност за професионално доусовршување, на љубопитните им се отвора патот да прошетаат и да го запознаат стариот континент.

„Да не се малтретираме, да бараме визи, да молиме. Ни‘ се отвораат широко вратите и можеш да шеташ каде сакаш, и за работа и за шетање. Ќе можам без проблем да се прошетам, не дека визите многу ограничуваат, но сепак, треба време за да извадиш виза“, велат младите.

Најмногу ќе добие бизнисот

Придобивките се бројни, но се чини

Symbolbild Visum und Visa Warndatei

Укинувањето на визите најмногу ќе им значи на младите

најзначајни се за бизнис секторот. Повеќе од половина од вкупната трговска размена на Македонија отпаѓа на земјите од Европската унија. Падот на визите уште повеќе ќе ги приближи европските пазари, oбјаснува за Дојче веле, Стојмирка Тасевска од Стопанската комора на Македонија.

Чекањето пред амбасадите беше малтретирање, бројните документи кои беа неопходни за добивање виза - понижување. Оние кои најмногу се мачеа, македонските камионџии, сега најмногу му се радуваат на безвизниот режим вели Билјана Муратовска од здружението на транспортери „Макамтранс“.

70% од Македонците никогаш не посетиле некоја од европските земји

Укинувањето на визите најмногу ќе им значи на младите. Ќе им ја врати самодовербата, ќе им овозможи да се почувствуваат како дел од современиот свет, вели Марјан Забрчанец од Младинскиот образовен форум.

„Мислам дека младите на овој начин ќе осознаат што значи европска вредност, што значи почитување на туѓото мислење, што значи вреднување на различностите и на тој начин повторно ќе се вратиме на онаа линија на силна поддршка за ЕУ.“

Потврда за значањето на укинувањето на визите може да се најде и во непопуларниот статистички податок дека дури 70 проценти од Македонците никогаш не посетиле ниту една европска земја. Тие што прошетале, годишно за визи трошеа околу 10 милиони евра.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

DW.COM