1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Доаѓаат тешки времиња

Победата на Реџеп Таип Ердоган и АКП на парламентарните избори е несреќа за Турција, констатира во својот коментар Баха Гингер.

default

Плуралистичката демократија на парламентарните избори во Турција донесе факти кои не можат да се побијат - околу 50 проценти гласови за Партијата за правда и развој (АКП) на премиерот Реџеп Таип Ердоган е резултат во кој никој не може да се сомнева, а и одзивот на изборите од над 84% ја потврдува демократската легитимност на успехот на АКП.

Со тоа, АКП, трет пат едно по друго, ги претрка сите предизвикувачи и значително го зголеми бројот на освоени гласови во однос на претходните избори - во 2002 година освои 34%, пред четири години 46,5%, а сега 50 проценти. Во облакот прашина што го остава зад себе галопирачката АКП, резултатите на социјалдемократската-кемалистичка Републиканска Народна Партија (ЦХП) со околу 25% освоени гласови и десноекстремната партија на Националистичкото движење МХП, со околу 13%, делуваат прилично бледо.

На што се должи третата голема победа на Ердоган во рок од девет години? Турција со години бележи извонредни стапки на економски пораст. Реформите, кои имаа за цел да ја приближат НАТО-државата до вредностите и нормите на ЕУ, загубија на темпо поради намалувањето на надежите дека земјата ќе се приклучи кон ЕУ. Позитивните нешта, како зацврстувањето на индивидуалните и институционалните слободи за сите слоеви граѓани, се сосема потиснати во позадина.

Грандиозниот успех на Ердоган е несреќа за Турција. Тој во последните години стана прилично имун на совети и не се стеснува дури своите противници да ги

Баха Гингер, автор на коментарот

Баха Гингер, автор на коментарот

прогласи за државни непријатели. Среќа во несреќа е што неговата АКП не освои двотретинско мнозинство, 330 места во парламентот, па нема да може да го менува Уставот сама, без компромис со опозицијата.

И покрај јасниот однос на силите, Турција ја чекаат тешки времиња. Притисокот на послушниците на АКП врз оние што мислат поинаку ќе се зголемува. Слободата на печатот и натаму ќе биде ограничувана, а религијата ќе стане поприоритетна наспроти секуларниот поредок на лаицистичката република. На тој начин, Турција ќе стане кандидат за членка на ЕУ, која самата ќе лиферува аргументи за да биде одбиена.

Без пресврт, АКП на наредните избори, за четири години, ќе ги достигне целите што сега ги промаши (двотретинско мнозинство н.з.). Не треба да се очекува дека Турција ќе стане Иран или дека Реџеп Таип Ердоган ќе стане Махмуд Ахмадинеџад. Но, веќе една реална споредба со Владимир Путин е доволна за кон иднината да се гледа со загриженост.

Автор на коментарот: Баха Гингер

Превод: Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Симе Недевски