1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Дневно се самоубиваат 22 американски ветерани

Вијетконг, режимот на Садам Хусеин, Ал Каеда и Талибанците - ниедна војска против која војувале САД изминативе децении не однесе толку животи колку - самоубиствата. Дневно се убиваат 22 американски ветерани.

Даниел Сомерс бил припадник на силите во Ирак. Како артилерец на хумвија (средство за транспорт, н.з.) повеќе од 400 пати бил во борбени мисии. Иако во САД се вратил со жива глава, никогаш повеќе не бил тој стариот. „Секој ден е како врескава болка во секој нерв од моето тело. Мачење. Мојот дух е пустош од слики достојни на хорор, несогледлива депресија и парализирачки страв“, напишал Даниел, пред да си го одземе животот. Прошталното писмо минатиот месец одново потсети на проблемот со кој се соочуваат воените ветерани. Со бес Сомерс пишувал за системот кој, како што тврди, него и останатите ветерани ги оставил на цедило. Тоа е „нечовечки, безгрижен и рамнодушен систем што нас не’ убива“, напишал Сомерс.

Чекаат по четири месеци за помош

USA Kapitol House of Representatives Washington

Политиката го забележала проблемот на воените ветерани и работи на негово решавање

Последните зборови на Сомерс се поткрепени и со статистика. Дури 70 отсто барања за лечење или било каква стручна помош остануваат во фиоките на надлежното министерство повеќе од четири месеци, пред да се превземе нешто. Поранешниот генерал Ерик Шинсеки, кој е раководител на министерството за ветерани се обидува да го оправда тоа заостанување: „Работиме со хартии, така е веќе со децении. Мораме да преминеме на дигитална обработка на податоците и тоа е токму она што сега го правиме“, вели Шинсеки за СиЕнЕн. Меѓу ветераните, овој поранешен генерал важи за човек кој сериозно ја разбира својата работа и секогаш сака да помогне - но министерството со кое сега раководи не е дораснато за задачата.

Во последно време се почесто помагаат доброволци како Ким Руоко. Таа работи за организацијата ТАПС( Програма за помош на преживеаните по трагедија), и помага на ветераните кои размислуваат на самоубиство или фамилиите на тие кои извршиле самоубиство. Ким Руоко има лични мотиви - нејзиниот сопруг бил пилот на воен хеликоптер и бил три пати во војна. „Последниот пат, во Ирак, имаше 75 борбени летови. Кога се врати, беше депримиран и страдаше од посттрауматски синдром. Се самоуби по три месеци откако се врати од таа кланица“, вели Ким.

Проблемот забележан, но тешко се решава

Symbolbild Afghanistan USA Truppenabzug

До крајот на наредната година предвидено е повлекување на американските сили од Авганистан

Ким Руоко остана без својот сопруг во 2005 година, а ситуацијата оттогаш не е подобрена. Таа верува дека политиката го забележала проблемот и работи на негово решавање, но вели дека се` се случува многу бавно. „Мораме да ја доближиме помошта до ветераните“, објаснува, „бидејќи многумина од нив се горди, и не бараат помош додека не станат многу болни. Затоа треба да помагаме веднаш и детално“. И генералот Шинсеки верува дека дека нештата се поместени од мртва точка- неговото министерство добива повеќе пари, вработува повеќе работници и ја забрзува обработката на барањата за помош. „Изминативе години 800 илјади поранешни војници се јавија на нашиот број. Освен тоа, имаше повеќе од 100 илјади онлајн разговори. Успеавме да спасиме 29 илјади ветерани кои беа готови да си го одземат животот - бидејќи бевме тука за нив“, вели Шинсеки.

Наскоро тој и неговите соработници ќе имаат рекордна количина на работа - по дефинитивното повлекување од Ирак, до крајот на наредната година предвидено е повлекување на американските сили од Авганистан. Стотина илјади нови воени ветерани ќе бараат помош, а на властите останува што е можно повеќе да го намалат црниот биланс од 22 самоубиства дневно.