1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Дмитри Медведев наследник на Путин

Како што се очекуваше, Дмитри Медведев убедливо победи на претседателските избори во Русија. Кандидатот на Кремљ, по пребројувањето на гласовите од скоро сите изборни места, освоил повеќе од 70 проценти.

default

Новиот и стариот: Медведев и Путин - новиот тандем на врвот на Русија

На заедничкиот настап доцна синоќа со Владимир Путин, Медведев вети продолжување на политиката на неговиот ментор. Путин му честиташе на Медведев на изборниот успех. „Неговата победа гарантира продолжување на досегашната политика“ изјави Путин на концертот на отворено на Црвениот плоштад во Москва.

Пред околу 40 илјади одушевени млади, Путин рече дека изборите минале во духот на уставот на Русија. „Тоа покажува дека ние живееме во демократска држава“ изјави Путин. Медведев од своја страна најави дека на надворешно-политички план ќе ги застапува позициите на неговиот претходник Путин. Притоа укажа на ситуацијата на Косово и планираниот американски ракетен штит. „Ќе следиме независна надворешна политика, каква што водевме во изминатите 8 години“, изјави Медведев. „Главна цел мора да биде заштитата на нашите национални интереси на сите фронтови“ рече новоизбраниот претседател.

Опозицијата незадоволна со исходот

Опозицијата, која ги критикуваше изборите како фарса, за денеска попладне во Санкт Петерсбург и Москва повика на демонстрации. Опозицијата околу поранешниот светски шаховски првак Гари Каспаров доби дозвола да мине низ центарот на родниот град на Медведев, Санкт Петерсбург, додека таканаречениот марш на дисидентите низ Москва е забранет со образложение дека дозвола за манифестации веќе добила група млади блиски на Кремљ. Сојузот „Поинаква Русија„ и покрај забраната повика на демонстрации. Посматрачите на парламентарното собрание на Советот на Европа својата оценка за претседателските избори ќе ја соопштат денеска напладне на прес-конференција во Москва.

Во првата оценка на претседателските озбори во Русија, надворешно – политичкиот експерт на германските социјалдемократи Герт Вајскирхен изјави: „Сосема е јасно дека овие избори не можат да се мерат со нашите критериуми за демократски квалитет. Но, сепак фер е да се каже дека Русија доаѓа од сосема поинаква традиција, од тешка историја и можеби ќе се покаже дека изборот на претседателот ќе означи пресврт во развојот на Русија“, изјави Вајскирхен.