1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Дијаспората за првпат ќе гласа на претседателски избори во Македонија

На претстојните претседателски избори своето право на глас првпат ќе го оствари и дијаспората. Така 68 илјади македонски државјани кои живеат или работат во странство ќе гласаат за избор на нов претседател на Македонија.

Македонските граѓани кои живеат или работат во странство своето право на глас ќе го остварат еден ден пред одржувањето на претседателските избори односно на 12-ти април. Државната изборна комисија денеска (05.02.) едногласно го усвои јавниот повик на кој треба да се пријават сите заинтересирани.

Оваа бројка од 68 илјади гласачи од дијаспората произлегува од веќе евидентираните граѓани што во избирачкиот список се обележани со ѕвездичка и кои повеќе од три месеца живеат надвор од границите на матичната држава, а кои имаат право на глас.

Забелешка меѓу членовите на Државната изборна комисија по однос на оваа точка од дневниот ред на седницата имаше околу барањето веќе евидентираните избирачи кои живеат во странство повторно да се пријавуваат и да приложат докази за својот престој иако веќе еднаш се пријавиле и се забележани во избирачкиот список со ѕвездичка, а со тоа според некои од нив се успорувал процесот и се дуплирала работата.

Сепак, на крајот беше установено дека иако претходно била направена евиденција можно е во меѓувреме да настанале промени кај овие лица и според членовите на Државната изборна комисија добро би било повторно да се пријават, по што јавниот повик го оценија како добар и го изгласаа онака како што претходно беше срочен.

Предвидено е дијаспората да гласа во избирачките единици седум, осум и девет, а граѓаните кои живеат во странство ќе треба да пополнат образец кој се наоѓа на веб страната на Државната изборна комисија или во конзуларните претставништва и амбасадите, најдоцна до втори март.

За да го остварат своето право на глас, ќе треба да приложат биометриска патна исправа или документ со кој се потврдува дека имаат законски престој во земјите од странство како и пријава со личен потпис.

По однос на точката во која беше опфатен избирачкиот список, членовите на комисијата констатираа дека потребни се промени во неговиот изглед, бидејќи во досегашната практика евидентирани биле голем број проблеми поради кои во одредени избирачки единици дури биле и поништувани изборите.