1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Дијаспората бара прекин на преговорите за името

Обединетата Македонска Дијаспора бара Македонија да се повлече од разговорите за спорот со името и да побара членство во ОН под уставното име. Дијаспората е и против именувањето на Талат Џафери за министер за одбрана.

Претседателот на ОМД, Методија Колоски, смета дека откако пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг не дала резултати во однос на интеграцијата на земјата во ЕУ и НАТО, земјата треба да се повлече од разговорите. Не препознаваат желба кај Грција за решение, а сметаат дека е срамно да се разговара за име, јазик и идентитет. „Нашиот став е дека треба да се повлечеме од преговорите околу името и дека треба да бараме да се поништат Резолуциите во Обединетите Нации од 1993 година и Македонија да биде Република Македонија во Обединетите Нации и во сите можни институции. Не сакам да дискутираме за можни решенија или било што, оти сепак мислиме дека не е во интерес на Грција овој спор да го реши“, изјави Методија Колоски, претседател на ОМД, кој престојува во Скопје.

Коментирајќи го изборот на Џон Кери за американски државен секретар, Колоски смета дека неговата позиција кон Македонија во многу ќе зависи од неговите идни помошници за Европа, но и од генералната политика на администрацијата на Обама.

Во името на организацијата, тој реагираше и за именувањето на Талат Џафери за министер за одбрана. „Јас добив можеби стотина е-мејлови со реакции истиот ден кога се назначи Талат Џафери. Македонската дијаспора е навистина загрижена поради тоа што се постави човек кој бил убиец на луѓе во сопствената армија, кој сега треба да ја претставува. Ние немаме никаков проблем Албанец да биде Министер за одбрана, но дефинитивно имаме проблем со некој што бил командант на ОНА, која била еден вид терористичка организација, гранка на ОВК, која беше признаена како терористичка организација во Стејт департментот. Се надеваме дека ќе се најде решение за тој проблем. Дијаспората е навистина загрижена за таа ситуација“, изјави Колоски во Скопје.