1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Дијасопората лобист за Македонија

Македонската дијаспора е еден од најголемите лобисти за Македонија и особено во спорот за името со Грција. Нивните активности денеска му ги претставија на претседателот Бранко Црвенковски.

default

Претседателот на Македонија, Бранко Црвенковски

Македонскиот претседател Бранко Црвенковски денеска во Скопје се сретна со претставници на македонската дијаспора. Обединетата македонска дијаспора го информираше претседателот за силното лоби што го врши за татковината ширум светот. Македонските иселеници тропнале на врата на повеќе од 150 американски конгресмени. За вистината на македонскиот национален идентитет се обиделе да ги запознаат и авторитетите во Австралија, Канада и други земји во светот.

Членовите на оваа невладина и непрофитабилна организација велат дека длабоко се залагаат за афирмација на македонските ставови и за решавање на спорот со името.

Делегацијата на Обединетата дијаспора од Црвенковски побарала мислење и насоки во кои правци да ги продолжи своите активности, за да и донесе на Македонија поголем ефект.

На средбата претседателот Црвенковски ги поздравил напорите што дијаспората ги вложува далеку од татковината за Македонија и потсетил дека припадноста на нацијата е неменлива, трајна и дека токму тоа го потврдуваат активностите на оваа организација.

Освен на политички план и лобирањето за името, Обединетата македонска дијаспора се залага и за промоција на Македонија и во делот на економијата.

Истовремено со престојот на иселениците, во Скопје завршува четиридневната светска средба на децата бегалци. Шефот на државата прими делегација и на Егејските здруженија и им вети целосна поддршка во битката за нивните права. Резолуцијата што произлезе од собирот во Скопје ќе биде усвоена во парламентот, а ќе добие потпис од претседателот Црвенковски.

DW.COM