1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Дијалог на културите и бизнис зделки

Посетата на Емирот на Катар, Хамад бин Калифа ал Тани, денеска беше заокружена со средбата на делегациите на двете влади во Скопје. По средбата премиерот Никола Груевски изрази задоволство од постигнатото.

default

Емирот на Катар, Хамад бин Калифа ал Тани

Во Владата на Република Македонија денеска се одржа билатерална средба на делегации на Владата на Република Македонија и Емиратот Катар, предводени од премиерот Никола Груевски и Емирот, Хамад бин Калифа ал Тани. Премиерот Груевски потенцира дека посетата значително ќе придонесе за натамошно унапредување на политичкиот дијалог и посебно за остварување лична размена на мислења по сите прашања од заеднички интерес на билатерален и мултилатерален план, како и за унапредувањето на пријателските односи меѓу двете земји.

Во таа насока, претседателот на Владата Груевски, изрази очекување дека оваа посета ќе даде посебен импулс, пред се’ за економските односи и разгледување на можноста за реализација на конкретни проекти за инвестирање во Република Македонија.

Mazedonien Ministerpräsident Nikola Gruevski

Македонскиот премиер Никола Груевски

При тоа се презентирани конкретни можности за инвестициски проекти во областа на патната инфраструктура, изградба на станбени и деловни капацитети, хотелски комплекси, енергетика, авиосообраќај, земјоделство и банкарски сектор.

Премиерот Груевски истакна дека во функција на унапредувањето на економската соработка е особено значајно тоа што за време на посетата се потпиша Договорот за поттикнување и заемна заштита на инвестиции, а воедно се потпишаа и повеќе билатерални договори од областа на културата, образованието, здравството, туризмот, размената на информации, олеснување на визниот режим, регулирањето на вработување на работна сила во Емиратот, односите помеѓу стопанските комори во двете земји, што пак ќе придонесе за заокружување на правната рамка и натамошно развивање на соработката во овие области.

Невидени мерки на безбедност

Скопје не памети толкави мерки на обезбедување, какви што се применуваат вчера и денеска за време на официјалната посета на Македонија на Eмирот од Катар, шеик Хамад бин Калифа ал Тани. Сончевиот есенски ден овој крал од малата, но богата земја од Блискиот Исток го искористи за прошетка низ старата скопска чаршија. Беше на молитва во Мустафа пашината џамија и на скара во Дестан.

„Нема сомнение дека односите меѓу арапските народи и европските земји од Медитеранот во минатото се граделе врз основа на трговска и културна соработка.

Emir von Katar Scheich Hamad bin Khalifa Al Thani im Europaparlament

Емирот на Катар при посетата на Брисел

И ние денес можеме, дури и мораме, да продолжиме со градење на овие меѓусебни односи, секако, засновајќи се на таа историска традиција во заедничка корист и зацврстување на независноста на сите земји и обезбедување на нивните слободи“, рече Eмирот на свечената вечера, што во негова чест синоќа ја приреди македонскиот претседател Ѓорге Иванов.

Кралски пречек на Александар Велики

Во Македонија пристигна вчера со еден од најголемите авиони што некогаш слетале на скопскиот аеродром со бројна придружба од стотина соработници.

„И ние ги споделуваме истите ставови и принципи со вашата земја, која во својата химна и со сонцето на знамето ѝ пее на слободата за постојаните напори на вашиот народ за постигнување на своите права за слобода и суверенитет. Деновиве нашиот арапски свет исто така пее за слободата на сонцето и тој е на прагот на еден нов период на својата историја. Се надеваме дека ова ќе го внесе арапскиот свет во пошироки хоризонти на иновации, развој, продуктивност и праведно владеење“, рече Емирот на Катар.

Brücke über Vardar Fluss in Skopje, Mazedonien

Катарските и македонските министри потпишаа 10 меѓудржавни договори, со кои треба да се обезбедат услови за економска соработка.

Македонија се надева на катарски капитал

Емирот очекува дека меѓу Македонија и Катар ќе се создадат нови можности за соработка во областа на стопанството, социјалниот живот и хуманоста помеѓу арапските и другите народи во светот, посебно, како што кажа, со европскиот континент, со кои ги поврзуваат географски и историски елементи, со цел зацврстување на темелите на мирот и заедничкиот соживот.

“Оваа цивилизација е сведок за длабоката испреплетена култура, која ги сочувала верските објекти и центрите на уметноста, поезијата и мудроста. Најдобар аргумент за тоа се светски познатите и признатите имиња, кои се родија токму тука во Скопје, како што се турскиот класичен поет Јахја Кемал Бејатли и Мајка Тереза“, истакна Eмирот од Катар.

Катар е земја со најголем бруто-приход по глава на жител во светот. Катарските бизнисмени неофицијално биле заинтересирани за инвестиции во енергетиката, угостителството и дистрибуцијата на гас и нафтени деривати. Македонската страна очекува бизнис зделки и во земјоделскиот сектор.

Емирот од Катар денеска ја завршува дводневната официјална посета и продолжува на европската турнеја во Албанија, Украина и Полска.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Горан Чутаноски