1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Дијалогот со Русија е насушен!

Коментар на Нина Веркхојзер

Владимир Путин и Ангела Меркел во Минхен

Владимир Путин и Ангела Меркел во Минхен

Учесниците на конференцијата за безбедност во Минхен вообичаено си даваат уверување за тоа колку НАТО според нивно мислење е значаен сојуз. Не е ни чудо – повеќето говорници доаѓаат од земјите на НАТО и конференцијата ја користат за да разменат мислења за иднината на алијансата. Во вакво опкружување, настапот на рускиот претседател делуваше како шлаканица. Владимир Путин зборуваше првпат на конференцијата и веднаш на почетокот, расположен за напад, најави дека нема да говори со дипломатски флоскули.

Потоа, тргна во напад на НАТО и САД. Тој се чувствува испровциран од проширувањето на НАТО на исток преку планираниот американски противракетен одбранбен штит во Источна Европа, исто како и од агресивната американска надворешна политика. Присутните во салата беа вџашени од нападите на гостинот од Русија, кој предупреди и од нова трка во вооружување. Својата сопствена политика, како онаа во Чеченија, Путин ја бранеше како исправна и успешна.

Дел од постарите учесници на конференцијата се почувствуваа како во времињата на студената војна, зашто конференцијата се одржува веќе 60 години. Но, во времето на студената војна настап на еден руски претседател, се разбира беше незамислив. Американските говорници тргнаа во противнапад и на руската влада и префрлија дека не ги дели основните вредности на САД и на Европа. “Ние воопшто не сакаме да ги делиме сите ваши вредности“, возврати еден од руските учесници.

На моменти се отворија јазови кои никој не ги очекуваше. Евроатлантското позитивно чувство на конференцијата лесно беше расипано, а Путин беше видно задоволен од неговиот пуч. Зашто, на безбедносната конференција не мора да се стеснува што ќе каже, а го слуша целиот свет.

Со дел од она што го рече, рускиот претседател има донекаде право – САД често имаат двоен аршин и со нивниот агресивен воен пристап како во случајот на Ирак носат повеќе нестабилност отколку мир. За минхенската конференција е карактеристично за вакви прашања да се дискутира контроверзно. Но, кон традициите на конференцијата не припаѓа начинот на другите да се покажува со прст, а сопствената политика да се прикажува како света. Проширувањето на НАТО кон исток, што го критикуваше Путин, е одамна познат факт кој руската влада го има прифатено. Советот НАТО-Русија се состанува двапати годишно веќе 15 години. За што всушност таму се говори?

Без Русија не може да се реши ниту една меѓународна криза, беа единствени сите учесници на конференцијата. Сепак, Путин сакаше да донесе порака дека смета оти во светот тој и неговата политика се премногу лошо оценети. Веројатно притоа, неговото влијание во енергетската политика, кое е големо, му даде крила. Но, инаку, неговиот говор, пред се, остави впечаток дека овде се среќаваат два света и дека дијалогот со Русија е поважен од кога и да е порано.