1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Дисл и Акерман спортисти на Германија за 2005

Машката кошаркарска репрезентација е најдобра екипа. Баерн есенски фудбалски првак со 6 бодови предност

Уши Дисл

Уши Дисл

Уши Дисл, „миленичка на нацијата“, како што беше најавена, е избрана за спортистка на годината во Германија. Најдобрата германската натпреварувачка во биатлон освои два златни медала на светското првенство што се одржа во Хохфилцен и доби најмногу гласови од анкетираните 1300 спортски новинари во Германија. „Мислам дека се покажа колку со текот на годините и децениите биатлонот доби на значење и колкав голем напредок всушност е направен во зимскиот спорт. Веќе и поради тоа сум горда на признанието“ – нагласи славеничката Уши Дисл. Зад неа во изборот останаа Ани Фризингер, една од најдобрите во светот во брзо лизгање, и Франка Дич, која освои златен медал во фрлање диск на светското првенство во атлетика.

Во машка конкуренција за спортист на годината е избран исто така претставник од зимските спортови: Рони Акерман, водечки германски претставник во нордиска комбинација, кој на светското првенство во Оберстдорф освои два златни медала поединечно и сребрен екипно. Изненадување беше што признанието му го врачи неговиот конкурент, Финецот Хану Манинен, со кого неодамна во Лилехамер Акерман предизвика мал инцидент по влегувањето во целта. „Веднаш потоа ние се смиривме. За обајцата тоа не беа лесни моменти. Но, во краен биланс, кога сега вака стоиме еден до друг, мислам полесно се живее“ – прокоментира Акерман на синоќешната свеченост во Баден-Баден. Во изборот зад него останаа кошаркарот Дирк Новицки и пингпонгарот Тимо Бол.

Најдобра германска екипа во минатата година, според оценките на спортските новинари, беше машката кошаркарска репрезентација, вицешампион на Европа. „Кошарката не беше секогаш во фокусот на вниманието на сите медиуми и оттука е големо признание за нас, што ние бевме избрани од нив“ – рече кошаркарот Роберт Гарет. На второ место во анкетата се најде женската фудбалска репрезентација на Германија, освојувач на титулата европски првак, а трет е тимот на фудбалскиот првак Баерн од Минхен.

Баерн ќе презими со 6 бодови предност

Последното коло од есенскиот дел на првенството во фудбалската Бундеслига не донесе поголеми промени на табелата. Од порано веќе беше познато дека Баерн пролетта ќе ја дочека на првото место, но задоволството во Минхен е уште поголемо што предноста на крајот е зголемена и изнесува 6 бодови. Имено, на гостувањето во Дортмунд Баерн славеше победа над Борусија со 2 спрема 1, додека во северното дерби Вердер и Хамбургер во Бремен одиграа нерешено 1 спрема 1. Така Хамбургер ја задржа втората позиција со два бода повеќе од Вердер на третото место.

„Ние сега малку ќе се опуштиме. До натпреварот против Хамбургер има уште неколку денови; мора да се обидеме да останеме и во куп-натпреварите – тогаш би имале сензационална 2005-та година, но само под тој услов“ – вели голманот на Баерн Оливер Кан. Според медиумски информации тој го продолжил договорот до 2008-ма година, оти се чувствувал премногу добро за веќе сега да ја заврши кариерата.

Како во Баерн го коментираат извлекувањето за осминафиналето на Лигата на шампионите, во кое за противник го добија Милан? „Кога ние против водечкиот на табелата во Италија, Јувентус, два пати добро одигравме – и во Торино, како и во Минхен, тогаш мислам дека не треба да сме премногу загрижени“ – самоуверен е тренерот Ферликс Магат. „Веројатно е подобро што прво не играме против Барселона, при што и Милан е екипа од светска класа, па така погледното – ни тоа не игра некаква улога“ – смета играчот Себастијан Дајслер.

Во Бундеслигата Шалке, по поразот на гостувањето во Штутгарт со 2 спрема 0, останува на четвртата позиција со цели пет бодови заостаток зад Вердер. Поранешниот голман Оливер Рек, кој во меѓувреме се здоби со диплома на фудбалски тренер, го предводеше тимот од Гелзенкирхен по суспендирањето на Ралф Рангник. „Грешката што ја направивме во одбраната набргу по полувремето беше фатална и таква грешка не смее да се случи“ – вели Рек за клучниот момент на натпреварот.

Херта киксна играјќи дома само 1 спрема 1 со Нирнберг и, иако остана на петтото место со 26 бодови - пет помалку од Шалке, сега „на вратот“ ги има Штутгарт и Борусија Менхенгладбах со само бод помалку. Борусија во возбудлив натпревар го совлада Ајнтрахт од Франкфурт со 4 спрема 3.

Хановер, кој на гостувањето во Леверкузен одигра 0 спрема 0 со Баер, ја предводи групата од три тимови од 8-то до 10-тото место со по 21 бод, во која се и Борусија Дортмунд и Ајнтрахт Франкфурт. Арминија Билефелд, по победата против Келн со 3 спрема 2, се искачи на 11-тото место со 20 бодови, Баер Леверкузен зад неа има 19.

Во Келн по овој пораз и најслабиот ефект во есенскиот дел во првата лига воопшто, се прелеа чашата. Прво, уште во саботата, оставка поднесе менаџерот Андреас Ретих. „Би сакал да соопштам дека штотуку му ја понидув мојата оставка на претседателот и веднаш ќе го напуштам клубот“ – рече тој на прес-конференција.

Вчера на тренерот Уве Раполдер, а потоа и на јавноста и’ беше соопштено дека заврши неговиот краток ангажман, кој траеше само една полусезона. „Ќе одиме во пресметлив ризик. Ќе се обидеме разумно да се засилиме со тренер, а и кај играчкиот кадар. Зашто, прва и најважна цел е да обезбедиме опстанок“ – рече претседателот Волфганг Оверат. Сега клубот бара и менаџер и тренер.

Тренер бара и новиот спортски директор на Дуизбург, поранешниот репрезентативец Јирген Колер, кој сега паралелно ја врши и таа функција. Притоа, на гостувањето во Мајнц успеа да откине бод – резултатот беше 1 спрема 1. Последното коло, по игра на случајот, донесе уште еден директен дуел на тимови од дното на табелата: Кајзерслаутерн го победи Волфсбург со 3 спрема 2. Сега Волфсбург е 13-ти со 18 бодови, Мајнц зад него има 16, Нирнберг 14, а на последните три места со по 12 бодови се Келн, Дуизбург и Кајзерслаутерн.

Кој ќе биде фудбалер на светот за 2005-та?

Вечер во Цирих ќе биде крунисан најдобриот фудбалер на светот за 2005-та. Кандидати се Бразилецот Роналдињо од Барселона, неговиот соиграч, Камерунецот Самуел Ето, и играчот на Челзи Френк Лемпард. Во женска конкуренција меѓу кандидатките е и Германката Биргит Принц, која беше избрана за најдобра во претходните две години.

ФИФА ги одби барањата за исклучување на Иран од СП 2006

Политиката за малку ќе го загрозеше фудбалскиот спорт: по неодмерените, екстремни изјави на новиот ирански претседател Ахмадинеџад во однос на Израел, се слушнаа гласови кои бараа исклучување на Иран од светското првенство во Германија наредната година. Но, светската фудбалска асоцијација остана на ставот за стриктна поделба на спортот и политиката. Член 3 од статутот на ФИФА забранува секаква дискриминација на земји, личности или групи од било какви мотиви. Спорните изјави – негирањето на холокаустот и барањето државата Израел да се премести во Европа или на Алјаска – не дојдоа од фудбалската федерација, функционери или репрезентативци, туку ги искажа претседателот на Иран, па нема ни основа за исклучувањена иранската репрезентација од претстојното светско првенство.