1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Дисидентот Чен го моли американскиот Конгрес за помош

Кинескиот активист за човекови права Чен Гвангченг во телефонски разговор ги замоли лично пратениците во Вашингтон за му помогнат да ја напушти Кина. Случајот Чен ги засени разговорите на САД и Кина во Пекинг.

Во телефонскиот разговор со пратеникот Крис Смит, кој со вклучен звучник го слушаа и останатите конгресмени и беше преведуван на англиски, кинескиот активист за човекови права Чен Гвангченг побара:

„Сакам да се сретнам со министерката Клинтон и се надевам дека од нејзе ќе добијам помош.“

Чен уште додаде:

„Сакам исто така да и‘ се заблагодарам лично.“

Трн в око за властите

Чен е еден од многуте адвокати автодидакти во Кина кои се ангажираат за човекови права. Гневот на кинеското раководство врз себе Чен го предизвика пред се‘ со критиките на политиката „едно дете“. По затворската казна, тој од 2010 година беше во домашен притвор.

Chen Guangcheng mit Familie

Чен Гвангчен со семејството

На 22 април годинава успеа да побегне и засолниште побара во американската амбасада во Пекинг. На втори мај Чен ја напушти амбасадата и замина во болница на лекување на скршеното стапало. Во извештаите од Кина се велеше дека дисидентот добил гаранции за безбедноста од владата во Пекинг и дека ќе остане во Кина. Вчера (03.05) Чен најави дека сака со семејството да отпатува во САД. За Си-Ен-Ен тој рече: „Се чувствувам многу несигурно. Овде не можат да бидат гарантирани моите права и безбедност.“ Чен мислењето го променил по разговорот со сопругата, која му опишала дека била тепана откако тој побегнал во американската амбасада. „Го молам претседателот Обама да стори се‘ што е во негова моќ за нашето семејство да ја напушти Кина“, рече Чен, додавајќи дека стравува за судбината на своите најблиски. Се смета дека тој сака да ја сретне министерката Клинтон за да ја замоли да го земе него и семејството во својот авион и да ги пренесе во САД.

Сенка врз дијалогот Кина- САД

Судбината на дисидентот го засенува стратешкиот и економски дијалог меѓу Кина и САД, кој се одржува во Пекинг и на кој учествуваат американските министри за надворешни работи и за финансии, Хилари Клинтон и Тимоти Гајтнер. На средбата со шефот на државата и партијата Ху Џинтао, Клинтон, без да го именува Чен, ја нагласи важноста на човековите права, кои треба да ги почитуваат сите земји во светот. Ху, кој исто така не спомена директно случајот Чен, рече дека со оглед на различните национални односи, двете страни не можеле да постигнат согласност по секое прашање. Кинеските државни медиуми денеска критикуваат дека случајот Чен станал „политичко средство во рацете на злонамерни сили“, кои работат против политичкиот систем во Кина. Министерството за надворешни работи во Пекинг во меѓувреме соопшти дека Чен може да аплицира за студирање во странство и да добие виза по редовна процедура како сите други кинески граѓани.