1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Дипломатски обиди за надминување на кризата околу Либан

Солана во Бејрут, Проди посредува меѓу Либан и Израел. Папата ги осуди насилствата, посебно израелските напади

Романо Проди

Романо Проди

Главниот дипломат на ЕУ Хавиер Солана се понуди како посредник за евентуално да издејствува примирје, што го бара Либан. Тој вчера попладнето беше на разговори со членовите на владата во Бејрут, а денеска за резултатите ќе ги извести министрите за надворешни работи на земјите на Унијата, на нивната средба во Брисел.

Посредничка улога меѓу Либан и Израел презема и италијанската влада. Италијанскиот премиер Романо Проди во саботата по телефон разговарал со либанскиот колега по функција Фуад Синиора, на молба од шефот на израелската влада Ехуд Олмерт. Вчера беше објавено дека тој ги пренесол условите на Тел Авив за прекин на огнот: ослободување на двајцата израелски војници, кои од средата се во рацете на Хезболах, и повлекување на припадниците на тоа шиитско движење на линија од 40 километри зад израелско-либанската граница.

Според италијанските медиуми, владата во Бејрут иницијативата ја оценува како приватна и вели дека официјални преговори се’ уште не започнале. На самитот на Г 8 во Санкт Петерсбург Проди зборуваше за желба на сите страни за примирје од кое сите и би имале полза. „Очигледно проблемот, како за израелската, исто така и за американската и италијанската страна, е во присуството на борци на Хезболах на југот на Либан. Од тоа произлегува предусловот на спомнатите страни - формулацијата што ќе се применува гласи: неприсуство на вооружени припадници на Хезболах во јужен Либан“.

На италијанската дипломатија од подамна и’ се припишуваат добри врски со арапските земји. Министерот за надворешни работи Масимо д’Алема ноќта спроти недела од Рим лично го надгледуваше враќањето на Италијанците што живеат во Либан.

Вадата на левиот центар е длабоко поделена околу ставот во блискоисточниот конфликт. Радикално-пацифистички и полево ориентирани групи се спротивставуваат на владината политика. Други пак, како министерот за европски прашања Ема Бонино, ја нагласуваат опасноста од јакнење на исламскиот фундаментализам и од терористички акти. Поранешниот министер за надворешни работи Џанфранко Фини го критикуваше ставот на сегашната влада како антиизраелски. Проди остро ги осуди израелските напади од воздух во Либан и побара насилствата веднаш да престанат.

И Ватикан ги осуди новите воени дејствија на Блискиот Исток, посебно израелските напади. За време на една молитва од своето летувалиште во долината на Аоста. Папата Бенедикт 16-ти вчера рече: „На овие безмилосни судири, за жал, им претходеше објективно кршење на правото и праведноста“. Но, никогаш не можат да се оправдаат и не служат за ништо ни терористички акти, ниту угнетување, вели Папата, кој кај Бога се молел „за одговорните политичари да ги врати на патот на разумот“.