1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Дипломатски дуел на Г20 во Санкт Петербург

На самитот на Г20 во Санкт Петербург, фронтовите во спорот околу воената акција во Сирија се зацврстени Со нетрпение очекуваниот синоќешен разговор на шефовите на држави или влади не донесе никаков напредок.

Заедничката вечера на шефовите на држави или влади на 20-те најважни светски економии, Г20 на самитот во рускиот град Санкт Петербург само го потврди јазот меѓу учесниците во однос на сирискиот конфликт, соопшти италијанскиот премиер Енрико Лета по завршувањето на средбата преку Твитер.

Дебати про и контра

Рускиот претседател Владимир Путин како домаќин ја стави темата Сирија на дневниот ред на вечерата, а за неа веќе претходно се дебатираше на низа билатерални средби.

Американскиот претседател Барак Обама планира да го искористи самитот за придобивање на останатите за својата намера-да го казни сириското раководство на чело со претседателот Башар ал-Асад за употреба, као што тврди, на хемиско оружје во борбата со бунтовниците пред две недели во близина на Дамаск. Во нападот, според САД, се убиени 1400 луѓе. Комисијата за надворешна политика на Сенатот во ВФашингтон веќе даде зелено светло за ограничена воена акција. Конгресот треба да гласа следната недела.

G20 Gipfel Russland Sankt Petersburg Wladimir Putin und Barack Obama

Владимир Путин и Барак Обама: без поместување во ставовите

Далеку од заеднички став

Путин и натаму одлучно одбива воен удар против режимот на Сирија без мандат на ОН. Русија повторно го изразува и својот сомнеж во веродостојноста на доказите за употреба на хемиско оружје од страна на Асад. Доказите на САД „ни оддалеку не се убедливи“, критикуваше портпаролот на рускиот претседател во Санкт Петербург. Москва притоа доби поддршка од Кина, која се приклучи на барањето на Русија и се спротистави на воен удар врз Сирија. Кинескиот заменик министер за финансии Жу Гуангио предупреди-воена интервенција би ја погодила целокупната светска економија.

Разговор во четири очи меѓу американскиот претседател Барак Обама и рускиот претседател Владимир Путин официјално не е планиран. Но, ваква средба не би ни донесла ништо со оглед на меѓусебните обвинувања минатите денови, се вели од кругови на двете делегации.

Како вето-сила Русија заедно со Кина во Советот за безбедност на ОН веќе повеќепати спречи донесување резолуција против Сирија. Поради овој став, Обама е подготвен да тргне против Сирија и без согласност на ОН. Но, покрај Русија, кон ова критички гледаат мнозинството Г20 држави. Во Санк Петербург стана јасно дека, иако сите во основа ја осудуваат употребата на хемиско оружје, ниедна земја не сака поради тоа воено да интервенира.

Остри тонови од Њујорк

Американската амбасадорка во ОН, Саманта Пауер, остро ја критикуваше Русија поради ставот кон Сирија. Москва го држи Советот за безбедност на ОН како заложник, блокирајќи интервенција против Сирија, изјави Пауер во Њујорк. Амбасадорката ја нарече Русија „заштитник на режим кој бесрамно го изврши најголемиот напад со хемиско оружје во последните децении, во време кога инспекторите испратени од ОН се наоѓаа во земјата, но на другиот крај на градот. Пауер ја обвини Москва дека се извлекува од својата меѓународна одговорност.

Мировни напори

Без оглед на длабоките разлики, специјалниот пратеник на ОН и на Арапската лига за Сирија, Лакдар Брахими, во Санкт Петервбург заедно со генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун, се обидува да издејствува втора меѓународна конференција за Сирија. Германската канцеларка Ангела Меркел притоа ја вети помошта на ЕУ.

Темата Сирија официјално не е на дневниот ред на Г20. Официјалните теми се од економска област: активната политика на пораст, поостри контроли во глобалната финансиска економија, борба против даночните оази. За нив се дискутира денеска.