1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Дипломатските авантури скапо ја чинеа Македонија

Авантуризам или неспособност- македонската дипломатија во изминатите 20 години независност ја одбележаа голем број гафови и катастрофални надворешно-политички грешки.

default

Дали Македонија задоцни при аплицирањето за членка во ОН и зошто не ги искористи добрите препораки од Бадентеровата комисија?  Можеше ли приемот на над 300 илјади Албанци од Косово, во бегалскиот бран пред српските закани пролетта 99-та, да се капитализира со членство во НАТО? Какви беа штетите од тајванската авантура и повлекувањето на безбедносната мисија на УНПРЕДЕП од Македонија? Различни рангирања и оценки за македонските дипломатски авантури, во зависност кој и кога бил министер за надворешни работи? Најпрво, клучните одлуки за меѓународната позиција на државата, во изминативе две децении самостојност, ги оценува професорот и министер Љубомир Фрчкоски.

„Инсталирањето на Американците и нивните служби во Македонија 92-а е многу важен момент. Со него Македонија најпрва од сите нејзини соседи ја фати евро-атланската линија во својата меѓународна политика. Потоа следуваа 93-та и приемот на независна Македонија во ОН, под чадорот на колективна безбедност и 95-та следуваше договорот со Грција, како и спогодбата со Србија и взаемното признавање, со што е симната опасноста од северниот сосед. По овој период следуваше поинтензивна пројава на Македонија на светската сцена“.

Лисабонската декларација- прв тест

Според Фрчкоски огромен тест за македонската надворешна политика и позиција била издржливоста да се одбие Лисабонската декларација со која Европската заедница во 1992-ра ултимативно бараше од властите во Скопје промена на името за да биде признаена независноста на Македонија.

Првиот министер за надворешни во експертската влада на Никола Клусев им забалежува на партиите на нивниот политички егоцентризам и егоизам во битката за власт 1993-та, по што меѓународните приоритети беа заменети со внатре-партиско кокетирање со национализмот и патриотизмот што ги диктираше и односите со Грција. Од тогаш датира лутањето во самоидентификацијата – кои сме од каде се македонските корени, кажа Денко Малески.

Mazedonien Denko Maleski Ehemaliger Außenminister

Денко Малески

Според него падот на експертската влада од 93-та година доведе до отклонување од патот на меѓународно етаблирање на Македонија. Уште тогаш се јавија разновидни алтернативни опции, бугарски, српски, и се запостави Македонија. Таа голема авантура што партиите ја направија таа 93-та сега ќе кулминира со поставување на споменикот на Александар Велики во центарот на Скопје“, оценува професорот Денко Малески. Тој беше и прв амбасадор во Њујорк, по приемот на Македонија во ОН.

Неискористен извештај на Бадинтеровата комисија

Од друга страна екс-министерот и новинар Слободан Чашуле, токму на првата владејачка елита, пред се на спикерот Стојан Андов и првиот претседател Киро Глигоров, им забележува за отсуство на храброст и поагресивен настап на меѓународната сцена. Можеше да се следи примерот на Словенија, која единствено со Македонија, по дисолуцијата од југо-федерацијата, доби позитивна рецензија од Бадентеровата комисија за исполнување на интернационалните стандарди  да се формира и признае самостојна држава.

„Ние не аплициравме за членство во ЕУ и не го следевме патот на Словенија, под изговор дека е тоа невозможно. Затоа и најголемата авантура беше тоа што градењето на македонската држава им беше доверена на луѓе, на политичари што не веруваа во нејзината самостојност“.

Slobodan Casule Aussenminister Mazedonien 2001 bis 2002

Слободан Чашуле

Слична позиција, како Чашуле, соопштува и Александар Димитров, шеф на дипломатијата во владата Георгиевски-Тупурковски, која на Самиот во Загреб, доби спогодба за асоцијација и стабилизација со ЕУ и покрај разгорениот воен и меѓуетнички конфликт во земјата.

“Бадентеровата арбитража реши дека само Македонија и Словенија ги исполнуваат критериумите да бидат самостојни држави. Имаше и заклучок дека Македонија нема територијални претензии кон соседите. И наместо да ги искористиме овие заклучоци, како дијамантски подароци од меѓународната заедница, нашата најголема дипломатска авантура беше исчекувањето од еднаипол година да аплицираме за членство во ОН“.

Тајванската авантура и планот „Б“

Тоа доцнење ги роди сомневањата во државотоврните капацитети на земјата, но ја отвори и пандорината кутија со името и проблемите сврзани со неговото решавање, заклучува

дипломатот од кариера, Димитров. Тој, како најблизок соработник на првиот алтернативец Тупурковски, беше потписник на договорот за взамено меѓународно признавање со Тајван, „купено“со таканаречената милјарда долари наводни инвестиции од Тајпеј во македонските слободни економски зони. Тоа предизвика раскол меѓу шефот на државата во заминување Киро Глигоров и тогашната Влада на ВМРО-ДПМНЕ и ДА. Таквиот дипломатски преседан остави сомничевост од ЕУ, прекин на односите со Кина, една од трите членки на Советот за безбедност, што ја призна Македонија под нејзиното уставно име.

 

Prof. Dr. Ljubomir Frckoski

Љубомир Фрчкоски

„Тоа беше потег направен од Владата на Герогиевски со лукративни мотиви. Потоа Советот на безбедност донесе одлука за прекинување на мировната мисија на ОН во Македониа што беше задолжена да ја чува и набљудува границата кон Србија и Косово, со цел да се спречи прелевање на конфликтите. Ние ја добивме нашата порција со воениот конфликт во Македонија 2001 година“, вели професорката Илинка Митрева, шеф на дипломатијата во владата на СДСМ, која го врати кинескиот амбасадор во Скопје откако беше откажан аранжманот со Тајван.
“Втората крупна дипломатска авантура се случува токму сега. Нашата евроатланска ориентација, можеби не формално, но суштински, се прави обид да се замени или суспендира со некаков „план Б“, со што Македонија се чува надвор од овие сојузи. Гласно се тестира, развива концепт дека нам тоа не ни треба, дека овие организации ќе се распаднат, дека можеби со некаква конфедерација со Бугарија би можеле полесно да станеме членка на ЕУ и НАТО“, заклучува Фрчкоски во оценките кои и кога се случуваа дипломатските авантури во овие две децении етаблирање на Македонија во меѓународната заедница.

Автор: Александар Чомовски

Редактор: Борис Георгиевски