1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Дипломатска „изјава на љубов“

Германскиот претседател Јоахим Гаук за својата прва посета во странство ја одбра Полска. Првите посети на претседателите на држави или премиерите имаат големо политичко значење.

Политичките партнерства се малку како и врските меѓу луѓето-постојат длабоки наклонетости, градени со години, но постојат и љубомора, обврски, неверства и-бракови од интерес. Германците традиционално, со оглед на процесот на помирување по Втората светска војна, се свртени кон Французите. Без оглед на партиските разлики, социјалдемократскиот канцелар Хелмут Шмит беше близок со либералниот француски претседател Жискар Д‘Естен во доцните 70-ти години. И христијанскиот демократ, Хелмут Кол, се спријатели со социјалистичкиот претседател Франсоа Митеран.

Aussenpolitik 1984 Helmut Kohl und Francois Mitterand

Хелмут Кол и Франсоа Митеран во 1984-та година

Но, во 1988. се случи промена. Тогашниот сојузен канцелар Герхард Шредер на своето прво службено патување замина во Лондон, а не во Париз. Француската влада на претседателот Жак Ширак беше непријатно изненадена и во тоа виде нова врска меѓу Германија и Велика Британија. Ширак преку француските медиуми бараше нов поттик и освежување на германско-француските односи.

Првите посети имаат посебно значење

„Помалку се работи за прашањето дали канцеларот или претседателот навистина верува во вредноста на германско-француското пријателство“, вели Штефан Зајдендорф од Германско-францускиот институт. Негодување предизвикува пред се’ непочитувањето на некој ритуал, а првата посета во странство е токму тоа, вели Зајдендорф.

Првата службена посета на германскиот канцелар е некој вид дипломатска изјава на љубов: редоследот на првите посети ги оддава приоритетите, ги одредува тежиштата на идната политика. Токму затоа овие посети имаат големо значење, токму затоа патувањето на Шредер во Лондон беше протолкувано како изневерување на Французите.

И сојузните претседатели со своите први посети даваат знаци. Традиционално се патува во соседните земји, пред се‘ Франција, Австрија, Холандија, Полска, Чешка, Белгија, како и во институциите на ЕУ и НАТО во Брисел. Во последно време германските претседатели посебно внимание и‘ посветуваат на Полска.

Историска и лична нужност

Полска е земјата која Германците прва ја нападнаа на почетокот на Втората светска војна, во која нацистичкиот режим воспостави гета и концентрациони логори. Држава во која германските трупи немилосрдно го прогонуваа и убиваа населението. Уште поранешниот германски претседател Рихард фон Вајцекер, кој како војник во Втората светска војна се борел на Источниот фронт, изјави дека за политика се определил поради Полска. На оваа земја Германија и‘ нанесла најтешки рани и разурнувања и „затоа помирувањето и разбирањето со Полска за мојата генерација и за мене лично е најголема и главна обврска“, изјави Фон Вајцекер.

Horst Köhler in Polen Kranzniederlegung in Warschau

Хорст Келер во Варшава во 2005-та година

Но, и тој како и другите сојузни претседатели прво патуваше во Париз. Како прва дестинација во странство Полска, која тогаш штотуку стана членка на ЕУ, ја одбра германскиот претседател Келер во 2004-та година, а дури потоа посети Франција. Келер е роден во 1943-та година во Полска, во Скирбижов, каде биле протерани Полјаците, за да биде населено со Германци од Источна Европа, меѓу нив и семејството на Келер.

Гаук, борец за човекови права во бившата ГДР, долго живеел во општетсво какво го знаеле и Полјаците. По изборот за претседател, тој најави дека германско-полските односи ќе му бидат приоритет.

Полска важна во ЕУ

„Надминувањето на минатото и помирувањето играа важна улога во германската надворешна политика кон Полска по Втората светска војна“, вели професорот Дитер Бинген, директор на Германско-полскиот институт во разговор за Дојче веле. Денес постојат и други теми.

Joachim Gauck Bundespräsidentenwahl 2012

Јоахим Гаук

„Полска е една од клучните држави во ЕУ. Во некои прашања од актуелната политика Германија содржински е поблиску до Полска отколку до Франција, на пример за односот кон источните соседи“, вели професор Бинген.

И првите посети на полските претседатели и премиери минатите години, на пример на Доналд Туск, водеа во Берлин.

„По промената на системот постои можност за партнерство какво во 1989-та година воопшто не беше успешно“, истакнува Бинген.

Во тој смисол Германија е поливалентна-покрај Франција и Полска тука е и Израел, кој поради грозотиите од Втората светска војна, веќе со децении е на врвот на листата германски пријатели. Но, тука и темите се поинакви. Наместо интеграција и разбирање во Европа или заедничка економска и фискална политика, се работи за надминување на минатото од времето на националсоцијализмот и ситуацијата на Блискиот Исток. Посетите на Израел затоа обично следеа дури во текот на претседателската или канцеларката должност.

И Париз и Варшава

Минатите години се чини првите посети во странство на германските канцелари и претседатели беа поделувани: канцеларката Меркел продолжи со традицијата-патуваше кон Париз; претседателите, со исклучок на Кристијан Вулф,-во Полска. Според мислењето на Штефан Зајдендорф од Германско-францускиот институт, тоа е добра распределба:

Deutschland Frankreich Bundeskanzlerin Angela Merkel und Präsident Nicolas Sarkozy

Ангела Меркел и Никола Саркози

„Сојузниот претседател е прв човек во државата. Неговата посета не остава никаква двојба за важноста на односите со Полска“.

Истовремено француската влада знае дека моќта е сконцентрирана во рацете на сојузната канцеларка, зашто таа ја одредува актуелната дневна политика. Ако се анализира повнимателно, ни Герхард Шредер не го напушти крилото на германско-француските односи. Три дена по победата на парламентарните избори, тој отпатува во Париз. Кулминацијата следеше на 60-годишнината од истоварувањето на сојузниците во Нормандија. Првпат на таква свеченост учествуваше и германски канцелар. Во сеќавање остана сликата на прегрнатите Шредер и Ширак на историски важното место“.