1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Дипломата во Србија не значи ништо?

Невработеноста на младите е хроничен проблем во Србија. Поради економската криза голем број од нив не успеваат да најдат работа по завршување на образованието. Ситуацијата е тешка – секое второ младо лице нема работа.

Тој се обидувал да биде исклучок од правилата во Србија и да се вработи веднаш по завршувањето на факултетот. Василије Гломазиќ, 30-годишник, променил три работно места, но досега немал прилика да работи според својата струка.

Гломазиќ во Белград живее како кираџија уште од првите студентски денови. Тој дипломирал на Сообраќајниот факултет – отсек друмски и градски транспорт (на насловната фотографија). Бидејќи не можел да добие работа според својата струка, тој морал да се снаоѓа. Продавал волнени производи од еден познат светски производител, нудел услуги за вебдизајн и организирал курсеви за мапи на умот (тоа е брз и едноставен начин за памeтење на податоци, н.з.).

„Тоа се работи за кои не ви е потребна диплома. Главно тие се работат на црно – не ви тече стаж, немате социјално и здравствено осигурување, а заработувачката е на процент“, раскажува Василије Гломазиќ за Дојче веле. „Имав понуда да потпишам договор за работа и да добивам минималец од 20.000 до 25.000 динари или, пак, да бидам непријавен и да заработувам повеќе“, објаснува Гломазиќ.

Естраден менаџер – заменик-министер

Arbeitslose in Serbien

Василије Гломазиќ

Секој втор млад човек во Србија нема работа, а тоа е двојно повеќе од европскиот просек. Статистиката го вброи Василије меѓу оние кои или работат на црно или, пак, не работат во својата професија.

„По завршувањето на факултетот се обидував да најдам работа во струката. Испратив биографија на над 50 адреси – се’ што има поврзаност со сообраќај, транспорт, логистика... Конкурирав дури и на работни места за кои е потребно само средно училиште, на пример за диспечер, за да стекнам какво-такво искуство и подоцна да напредувам. Не вредеше“, вели Василије.

Во Србија има многу примери на негативна селекција – напредуваат лошите, а добрите се потиснуваат. Така, неретко се вработуваат партиски кадри кои не се квалификувани за работата која би требале да ја работат. Така, на пример, еден естраден менаџер до неодамна работеше како заменик-министер за сообраќај.

„На сите им е јасно како се добива работа во државни претпријатија. Конкурсите се формалност. Во мојата генерација имаше 150 дипломци, а белградскиот пазар на труд е таков што годишно му требаат десет пати помалку луѓе. Веќе немам желба да барам работа според струката“, вели за Дојче веле дипломираниот сообраќаен инженер.

За да може да живее како кираџија, тој морал да се вработи. Василије во моментов работи во приватна фирма за проектирање на безбедносни системи.

„Задоволен сум со работата. Ова можеби е и најсериозното нешто досега што сум го работел. Пријавен сум, платата е меѓу 400 и 600 евра. Кога ќе одбијам 130 евра за стан, кој го делам со цимер, не останува баш многу, но се надевам на подобро во следните години“, вели тој.

А, во иднина Василије не исклучува можност за заминување во странство – Германија или Америка, каде што живеат и некои од неговите пријатели.