1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Дилемите за вкупниот јавен долг ќе ги расчисти транспарентност

Има, или нема причина за загриженост за висината на јавниот долг во Македонија? Ако се слушаат предупредувањата на опозицијата,тогаш алармот е вклучен. Ако се суди според тврдењето на Владата, земјата е во стабилна зона

Јавноста деновиве е сведок на спротивставени ставови на власта и опозицијата кои се препукуваат околу висината на долгот. Опозицијата обвини дека вистинските податоци се прикриваат со години и објави документ врз основа на кој тврдат дека вкупниот јавен долг достигнал 44%. Првиот финансиер пак смета дека опозициската СДСМ го третира прашањето со непотребен сензационализам и по којзнае кој пат потенцира дека нивото на државниот долг на земјата до крајот на декември изнесувало 34,3% од БДП и оти е четврти најнизок долг во Европа. Кој е тогаш во право и дали некој манипулира и ја доведува јавноста во заблуда? Клучниот проблем според дел од експертите е што не се употребува прецизно дефиницијата за вкупен јавен долг и за структурата на таа дефиниција односно на јавниот долг по категории. Поранешниот гувернер и министер за финансии Петар Гошев во изјава за Дојче веле предупредува дека манипулацијата ја прави Владата која оперира со необјавени и несеопфатни податоци, скриени долгови без волја за целосна транспарентност на вкупниот јавен долг на земјата.

Колкав е реалниот товар на земјата?

Гошев посочува дека постои јасна методологија за начинот на пресметување на јавниот долг на ММФ и Светска банка кој што го применуваат или се должни да го применуваат сите членки.

Mazedonien Land und Leute

Поранешниот гувернер и министер за финансии Петар Гошев

„Во таа методологија има неколку категории на долг. Вкупен јавен долг, долг на централната Влада или државен долг што го употребува министерството за финансии во кој спаѓа долгот на централната влада и долгот на општините. Министерството за финансии постојано манипулира само со бројката долг на централната влада и тој го истакнува, и повремено соопштува државен долг кој што го вклучува долгот на општините. Ниту долгот на централната влада го покажува целосно, бидејќи таму ги нема достасаните а неизмирени обврски на централниот буџет кон домашните доверители, ниту пак го искажува реално вкупниот долг на општините кој што е неспоредливо поголем од бројките што понекогаш се пуштаат во некои материјали. Истовремено, во вкупниот јавен долг спаѓа и долгот на јавните претпријатија кој до почетокот на есента беше над 400 милиони евра и тоа само кон надвор и континуирано расте. Истовремено министерството за финансии, односно Владата го промени статусот на Агенцијата за патишта и го претвори во јавно претпријатие. Ако е агенција на државата тогаш тоа спаѓа во долгот на централната влада, ако не е агенција туку јавно претпријатие тој долг влегува во долгот на јавните претпријатија кој што пак е долг од вкупниот јавен долг. Значи државата не го соопштува вкупниот јавен долг кон надвор и кон внатре. Така таа постојано манипулира со тие бројки. Значи треба да се употреби прецизно дефиницијата за вкупен јавен долг и за структурата на таа дефиниција, структурата на јавниот долг по категории. Нека го изложи владата на својата веб страница тој долг и тогаш ќе цени јавноста. Ако сите тие бројки се изложат, ако се искажат и неизмирените обврски над законските прописи, тогаш долгот сигурно е многу поголем од оној за кој што зборува владата“, коментира Гошев.

Поголема транспарентност на состојбата со јавните финансии, буџетските расходи и јавниот долг сугерира и универзитетскиот професор Зоран Ивановски:

„Според мене не е никаков проблем доколку имаме јавност не само во обемот туку и целосен увид во планираните политики на владата во таа насока. Се разбира делумно јавните расходи насочени кон безбедноста и сигурноста на државата можат да бидат достапни само на одреден дел на експертска јавност или парламентот, а од друга страна овие податоци поврзани со јавните финансии заслужуваат да бидат достапни до граѓаните. За мене како економист е релевантен податокот не само за висината на долгот на централната власт туку и на локалните самоуправи, јавните претпријатија и останатите институции на државата со цел да се согледа реалниот товар на земјата“, коментира Ивановски.

Прашање кое заслужува јавна дебата

Клучниот проблем според него не е висината на долгот туку реалноста во проценките за неговата одржливост:

„Што се однесува до висината на долгот секоја држава е приказна за себе. Не се работи за тоа дали тој е 40, 34 или 44% од БДП, туку за реална проценка за одржливост на државата за негово сервисирање. Затоа за јавноста е многу важно да се види како и на што се трошат парите од кредитите. Дали тие завршуваат во продуктивни проекти. Оттука сметам дека ова прашање заслужува јавна дебата барем во експертските кругови за да се даде реална претстава, а со тоа и да се смират духовите околу реалната ситуација. Не гледам причина зошто да се кријат јавните финансии“, смета Ивановски.

Symbolbild IWF und Schuldenkrise

ММФ и Светска банка:Македонија е во безбедната зона, но е потребна внимателност во контролата на јавниот долг.

Според Гошев не е спорно дека Македонија како учество во БДП во проценти има меѓу пониските во Европа, но исто така вели оти не е ниту спорно дека историјата е полна примери со држави кои со многу помал процент на долг завршиле во банкрот:

„Ако долгот е низок тогаш зошто општините и јавните претпријатија имаат бројни неизмирени обврски. Зошто владата носи закони за да го зголемува рокот на плаќање кон приватниот сектор, ако е тоа така безопасно “, прашува Гошев.

Според јавните податоци објавени на интернет страницата на министерството за финансии долгот на централната Влада изнесува 2,7 милијарди евра, или четврт најнизок во Европа сметано според овој параметар. ММФ и Светска банка во своите извештаи потенцираат дека земјата е во безбедната зона, но истовремено предупредија дека е потребна и внимателност во контролирањето на јавниот долг. Фискалната стратегија за наредните две години предвидува умерен раст на јавниот долг кој на крајот од 2016 би достигнал не повеќе од 37,6% од БДП главно како последица на определбата за финансирање на потребите на државата со најнизок можен трошок и планираната реализација на инвестициите во патната и железничката инфраструктура .