Дилемата Сирија | Свет | DW | 03.02.2013
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Дилемата Сирија

Меѓународната заедница се’ уште не може да постигне заедничка позиција, а крајот на конфликтот во Сирија не е на повидок. Kако може Германија повеќе да се ангажира?

Некои аналитичари предвидоа дека режимот на Башар ал- Асад ќе биде брзо симнат од власта. Меѓутоа, речиси две години од почетокот на бунтот против сириското раководство, председателот и натаму седи во фотелјата додека состојбата за граѓаните се влошува од ден во ден. Асад не треба да се плаши од меѓународна воена интервенција. Советот за безбедност на ОН за ова прашање нема едногласен став и е приморан да потклекне пред руското и кинеското вето.

Пари и оружје од странство

Последиците од долготрајните борби меѓу владините трупи и бунтовниците се фатални: во граѓанската војна досега загинале околу 60.000 луѓе. Повеќе од два милона луѓе мораа да ги напуштат своите домови, градови, па дури и земјата. Во Турција, Јордан, Ирак и во Либан се сместени 600.000 сириски бегалци. УНХЦР наведува дека од Сирија во соседните земји во просек дневно бегаат помеѓу 2.000 и 3.000 луѓе. Решение за конфликтот во Сирија нема на повидок. Напротив. На владините трупи и востаници и понатаму им стигнуваат пари и оружје од странство. Мешањето од страна, конфликтот во Сирија го разви во еден вид војна во која, преку Сирија, војна водат сосема други две страни.


Иран е сојузник на режимот во Дамаск, а Саудиска Арабија и Катар се грижат за бунтовниците и во шах ги држат владините трупи. Без разлика на севкупните санкции, снабдувањето со оружје на двете страни е причина зошто ситуацијата во Сирија е толку безизлезна.

Роберт Шите од невладината организација „Геноцид Алерт“ погледот го насочува кон Германија и бара нова политика за извозот на оружје. „Пред се’ станува збор за извоз на оружје во регионите во кои веќе се водат вооружени конфликти. Кога ќе се достави оружјето во тој регион, тогаш е тешко да се стави под контрола. Брзо се случува таквото оружје да заврши во други региони во кои се водат борби“, вели Шите.

Реформа во политиката за извоз на оружје?

Токму тоа се случи по уривањето од власт на либискиот лидер Муамер ел- Гадафи. Војниците од Сахелската зона, кои долго години беа во служба на диктаторот, го украдоа испорачаното оружје и се вратија во своите домови. На тој пат многу оружје заврши во рацете на терористите со што е зајаканата Ал Каида во исламскиот Магреб, една од групите која е одговорна за теророт во Мали.
За да се спречи таков развој на случувањата, Ролф Митцениш пратеник од германската Социјалдемократска партија во Бундестагот, бара консеквенци. „Мораме повеќе да го контролираме извозот на оружје и во ситуации во кои не сме сигурни што се случува со оружјето, да се откажеме од таков извоз“, кажува Митцениш.

Без мандат на Советот за безбедност на ОН

Ако ја погледнеме Сирија, тогаш реформата на политиката на извоз на оружје и на безбедносниот сектор задоцнила. Шите смета дека Германија може да придонесе повеќе. „Тоа не мора да има воен карактер. Важен чекор би бил ако Германија ги користи средствата на своите разузнувачки служби. Пример е чувањето на материјали и докази кои се валидни на суд и кога ќе заврши кризата во Сирија, тогаш тоа ќе користи извршителите и одговорните да бидат изведени пред суд“, смета Шите.
За решение на сириската дилема границите не се стеснија само за Германија, туку и за меѓународната заедница. Воената интервенција во Сирија може да се замисли само со мандат на Советот за безбедност на ОН. „Сирија не нападна некоја трета земја, значи, во смисол на меѓународното право не станува збор за констелација на самоодбрана. Од друга страна нема ниту мандат за Советот за безбедност на ОН“, вели Клаус Крес, професор за германско и меѓународно казнено право на Универзитетот во Келн.