1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Дизајн со пазарна перспектива

Дизајн сцената во Македонија е во формирање. Домашните дизајнери се модерни, современи, со свој сензибилитет. Она што недостига е развој на производството, односно поврзување на дизајн секторот и компаниите.

„Мебелот - нова перспектива за македонските дизајнери и производители“ е презентација на прототипови на современ македонски мебел. Првпат е претставена колекција од 13 парчиња мебел - нови дела од автори со различни искуства и возрасти.

Проектот „Stripe“ на младата дизајнерка Натали Ристовска се состои од три кутии со форма на коцка и вели дека можат да се вклопат во секој дом. Ја интересирааат и естетската и функционалната страна на дизајнот.

„Трите мултифункционални кутии можат да се употребат за складирање, седење, можат да послужат како масички или да се наместат на различни начини. Лесни се и не зафаќаат простор. Проектот го работев со дизајнерот Мики Стефаноски. Започнавме од скици, па потоа изработка на 3Д модели. Претходно ги посетивме фабриките за да видиме што нудат и што можеме ние да изработиме од тие материјали. На крајот го изработивме прототипот“, вели Ристовска.

Креации со препознатливост

„Креативните индустрии се новина кај нас и се надевам дека многу бргу ќе се сфати дека од креативците може да се заработува“, вели Дејан Спасовиќ, уметник, музичар, кој учествува на изложбата со свое парче мебел (W-Benchair, работна маса/стол- заб.на авт). Во последните години развива своја линија на неконвенционални музички инструменти - „Ракатрак дизајн“. Сака да направи бренд од својата идеја и смета дека има амбиент во земјава за соработка меѓу креативците и прозводителите. Изработува музички инструменти од рециклирани материјали, од обични предмети во домаќинството - тави, цевки, црева, жици и слично. „Музиката не е елитизам туку потреба. Конвенционалниот начин на гледање на инструментите понекогаш може да делува фрустрирачки, а кај неконвенционалниот - преку детска игра сфаќаш дека звукот помага да се најдеш себеси. Ваквиот начин е прифатлив за децата и им овозможува да играат со звукот. Инструментите можат да бидат изработени од што сакаш, од сè што пушта звук. Може да се направи и од парче хартија. Целта ми е да си направам свое дизајн студио во кое би имало и производство на вакви инструменти“, вели Спасовиќ за ДВ.

„Наша определба е Македонија да се претстави на светската сцена како потенцијална дизајн дестинација; да го поттикнеме развојот преку поврзување на дизајнерите со бизнис секторот и за пет години да видиме многу македонски фирми со комплетно дизајнирани производи кои успешно ќе се пласираат на европските пазари“, вели за ДВ Марта Наумовска Грнарова, програмски директор на „Недела на дизајнот во Скопје“ (Skopje Week Design), која се одржува од 1 до 6 октомври во Куршумли ан.

Marta Naumovska Grnarova

Марта Наумовска Грнарова, програмски директор на „Недела на дизајнот во Скопје“

Нема поврзаност меѓу креативците и бизнис секторот

Анализите на пазарот во последните две години покажуваат дека нема соработка меѓу македонските компании и дизајнерите, па „немајќи свој дизајн и потпис, компаниите не продаваат производи на странските пазари под свој бренд и со тоа не добиваат препознатливост и афирмација на пазарите“, пишува во промо-магазинот на „Недела на дизајн“.

„Македонската индустрија во поранешна Југославија беше димензионирана како сервис на останатите- ние ги дававме суровините, а други ги препакуваа. Веќе сме зрели како економија тоа да го надминеме, но и неминовно е. Ние сме мал пазар и недоволно развиена индустрија и во секој процес недостигаат компании за да се заокружи еден производ. Имаме потенцијал како креативно поднебје“, вели Наумовска Грнарова.

„Skopje Design Week“ е бизнис платформа - ги обединува и промовира добрите идеи и нивната реализација, создава брендови и ги промовира културата и земјата, вели од искуство Наумовска-Грнарова, инаку генерален менаџер на компанијата „Завар“.

Современ дизајн со шмек на традиција или производ со приказна

Според нејзе, „кога умно ќе се искористат традицијата и старите занаети, па предметите се препакуваат во современ и модерен дизајн, тогаш би имале оригинална македонска дизајнерска приказна“.

„На сите ни е здодеано од супермаркети, големи стоковни куќи, конфекција, брендови кои сфаќаш на крајот дека сите личат еден на друг и нема посебност. Се враќа индивидуалноста па повеќе се ценат некои помали производители. Македонските дизајнери се современи, модерни. Важно е да се има оригинална приказна да се раскаже, но и сензибилитет за времето во кое живееме, а тоа зборува дека сме на добар пат. Но, важни се едукацијата, истражување на материјалите и технологиите на производство, соработката со производителите. Поврзувањето со практиката кај нас е слаба точка во образованието“, вели Наумовска Грнарова.

„Недела на дизајн во Скопје“ деновиве донесува 200 учесници од десетина земји, изложби, работилници за креативни претпријатија, експериментален дизајн на продукти, дизајн на звук, поетичен дизајн, дизајн во комуникацијата, детски работилници за рециклирање и игра, дизајн на Европскиот пазар за мебел, презентирање на Шведскиот дизајн и.т.н.