1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Дизајнот на компјутерски игри прераснува во научна дисциплина

Програмерите на видео игри важеа за „компјутерски фрикови“ кои хобито сакаа да го претворат во професија. Но дизајнирањето на компјутерски игри прерасна во академска насока, која нуди можности за развивање на кариера.

Времињата кога неколкумина осамени „компјутерски фрикови“ се собираа во зачадените подруми и пронаоѓаа компјутерски игри, одамна се минато. Фигурите во нив беа робустни, а игрите беа придружувани од евтина музика од синтисајзер и многу пиксели. Во меѓувреме, меѓутоа, некои од комјутерските игри имаат буџет поголем од еден холивудски блокбастер.

Во развојот на компјутерски игри најчесто се вклучени неколку стотици луѓе кои работат на различни аспекти од играта: програмирање, дизајн, илустрација, музика, нарација.

Како што индустријата расте (во меѓувреме не се игра само дома на комјутерот или конзолата, туку и на таблет компјутери и мобилни телефони), така се зголемува и побарувачката за млади и талентирани кадри. Така, на пример, на Универзитетот за Медија дизајн во Диселдорф секоја година дипломираат по 26 дизајнери.

Од хоби до професија

Линда Брајтлаух е првата и, сега за сега, единствена Германка која е професорка во оваа област. За да дојде до оваа позиција таа поминала доста долг пат.

Од 12 години Линда активно започнала да игра компјутерски игри. Подоцна, додека студирала филмска уметност, за првпат работела и со компјутерска анимација. По завршувањето на факултетот таа добила професорска позиција на универзитетот во Дизелдорф специјализиран за информациски технологии.

Во нејзината докторска дисертација Брајтлаух ја обработувала драматургијата на компјутерските игри, тема која што, според неа, само пред неколку години би предизвикала чудење на која било уметничка академија. Денес пак, компјутерските игри, речиси секаде се прифатени како посебна област во уметноста и дизајнот.

Брајтлаух во моментов е професор на Универзитетот за Медија дизајн во Диселдорф. Таа е горда на сите свои студенти и особено ја радува  што тие се толку посветени на своите обврски.  Еден од проектите на кој работат студентите е креирање на своја 3D компјутерска игра. Но „тие секако имаат и предавање, теориска и практична настава, покрај проектите, каде може да изберат што ќе прават“, вели Брајтлаух.

Свет кој не е само машки

Многу од студентите  кои се запишуваат на факултетот веќе имаат искуство со графички дизајн и ликовна уметност. Во минатото, жените биле многу помалку заинтересирани за образование во областа на компјутерските технологии. Но во денешно време ваквото мислење е се‘ почесто демантирано.
 

„Има многу девојки кои на почетокот од студиите велат дека повеќе сакаат да се занимаваат со графички дизајн, но во текот на образовниот процес сепак се одлучуваат за програмирање“, вели Брајтлаух.

Беа е една од студентките на универзитетот за Медија дизајн. Таа прво студирала бизнис, но на крајот сфатила дека повеќе сака да се занимава со нешто поинтересно и покреативно. Затоа се запишала на универзитетот во Диселдорф, иако никогаш немала посебен интерес за технологија и математика.

„Овде студентите не учат само за добри оценки, туку напротив, има и многу практична работа од која може да увидиш до каде си со своето знаење. Кога си заинтересиран за нешто и го правиш со многу љубов, тогаш си и дополнително мотивиран“, вели Беа.

Напорна работа и задолжително играње

Иако најчестата препоставка е дека студентите прават кариера од своето хоби, сепак реалноста е дека тие имаат многу малку време за да играат компјутерски игри. Многумина од нив истакнуваат дека откако почнале со студиите, слободно време за играње може да издвојат само навечер.

„Морам да ги мотивирам студентите да се тестираат во што е можно повеќе компјутерски игри, бидејќи на некој начин и тоа е дел од наставата“, вели професорката Линда Брајтлаух. Според неа, во секоја игра може да пронајдат работи кои се одлично направени, но и нешта што може да се подобрат.

Gamescom 2009

Линда Брајтлаух ги мотивира своите студенти да играат игри

Иако индустријата за производство на компјутерски игри нуди одлични можности за вработување, сепак студентите во оваа област треба постојано да се надградуваат, дури и по завршувањето на нивното образование. Причина за тоа е што технологиите и начинот на работа во оваа индустрија се менуваат со молскавична брзина.

Во моментов, игрите наменети за мобилни телефони и таблет уреди се’ уште се пробиваат на пазарот. Мартин Лорбер, претставник на еден од поголемите издавачи на видео игри, компанијата „Електроник артс“ вели дека индустријата се развива толку брзо што е речиси невозможно да се предвиди што ќе биде актуелно во наредните две или три години.

Студентите не се единствените кои се заинтересирани за тоа како се одвиваат работите во индустријата за производство на видео игри. Всушност, интересот е двостран. Многу компании за развој на компјутерски игри издвојуваат финансиски средства за да ги помогнат студиите наменети за создавање на нови кадри. Тие често одржуваат и свои предавања со цел студентите да се информираат за новите текови во индустријата.

Играта се‘ уште трае

Постојат и многу примери каде универзитетот во Диселдорф поддржува веќе дипломирани студенти доколку тие работат на некој интересен проект. Таков е случајот со тимот на Јулијан Рајнарц, составен од осум дизајнери на видео игри.

Иако повеќемина од тимот се веќе дипломирани, тие продолжуваат со работа на нивната 3D игра „Мињон“ која ја започнале за време на студиите. Тимот треба да го заврши својот проект за една година, а за тоа време на располагање ги има просториите на универзитетот.

На прв поглед играта наликува на многу останати. Но сепак, тимот на Јулијан кој се нарекува „Фрејм 6“, се обидел во неа да внесе многу новитети кои ќе понудат нова перспектива за корисниците. Останува да се види колку нивниот проект ќе го привлече вниманието на играчите ширум светот.