1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Дигитално училиште

Во интернатското училиште во дворецот Нојбоерн во Баварија наставниците и учениците се приклучени на централен сервер и работат без хартија. 29 ученици овде за првпат ја напишаа матурската работа целосно на компјутер.

Куфер со лаптоп спаѓа во основна опрема во деветти клас во интернатското училиште во дворецот Нојбоерн во Баварија. Наставниците и учениците се приклучени на централен сервер и работат без хартија.

Татјана Кнаф, ученичка, објаснува:

„Понекогаш треба да имаме пенкала за секој случај. Со компјутерите е многу практично, на пример за расеаните, така не можат да загубат листови или слично“.

29 ученици овде за првпат ја напишаа матурската работа целосно на компјутер, без технички проблеми. Но, испитните прашања беа на хартија, тоа е правило во Баварија. 18-годишната Антонија Килгер го полагаше последниот испит по математика. Одговорите таа ги пишуваше во електронско пенкало на дисплејот.

Матурантката Антонија Килгер опишува како изгледал испитот:

„Доаѓаме во училницата каде се полага, тука стојат нови лаптоп компјутери, веќе приклучени на централниот сервер, а на нив има инсталирано само една програма, за да не можеме да користиме интернет на пример или нешто друго. Потоа пишуваме на овие апарати.“

На компјутерот се работи концентрирано не само при испитот. Се чини дека лаптопот на учениците генерално им го одзел задоволството од други дигитални игри, заклучува Јерг Милер, првиот човек на фондацијата која го води училишттео:

„Во изминатите четири години заклучивме дека со воведувањето на компјутерите единствено како секојдневно средство за работа, значително се намали конзумот на компјутерски игри, Фејсбук и слично“.

Користењето компјутер во наставата не само што заштедува хартија, туку на учителите им ја олеснува подготовката на часовите, вели искуството на Себастијан Герлиц, професор:

„Подготовката за часовите тогаш се врши исклучиво дигитално.Тоа значи, не морам да правам копии, да делам работни листови, зашто се‘ можам да направам преку компјутерска програма и работните листови да ги разделам потоа дигитално. Така отпаѓаат куповите хартија“.

Интернатската школа се потпира на традицијата и вредностите на образованието, и тоа со модерна техника.

Ученичката Татјана Кнаф ги истакнува предностите:

„Уште не знам точно што сакам да студирам, но мислам дека при изборот на професија ќе ми донесе предност што учев во дигитална школа, зашто добро се снаоѓам со комјутерот“.

Дворецот Нојбојерн во баварските Алпи сака да биде едно од најдобрите училишта во Германија. Веќе сега спаѓа сигурно во најмодерните.