1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Дигитализацијата - голем залак за малите телевизии

Остануваат помалку од два месеци за телевизиите да се прилагодат на дигиталниот сигнал, а локалните веќе стравуваат дека ќе престанат да зрачат поради финансискиот товар што го носи тој процес

Аналогната емисија на телевизискиот сигнал од 1 јуни заминува во историјата, а дигиталната стапува на сцената. Процесот на дигитализација во Македонија официјално започна во јануари 2012 година, со работата на двата мултиплекса на Македонската радиодифузија (МРД) наменети за пренос на тв-програми кои ќе нудат дигитални содржини со слободен прием (free-to-air) до крајните корисници. За квалитетно покривање на целата територија, предвидени се четири мултиплекси во осум зони и подзоната Скопје. Во Македонија дозвола за радиодифузна дејност имаат 66 телевизии од кои 4 на државно ниво преку терестријален предавател, 6 преку сателит, 9 на регионално ниво и 47 на локално. Од телекомуникацискиот оператор „ОНЕ", кој беше избран за спроведување на дигитализацијата, уверуваат дека овој процес ќе биде завршен во предвидениот рок.

Крај за локалните?

Тоа значи дека остануваат помалку од два месеци за телевизиите да се прилагодат на дигиталниот сигнал, а локалните веќе стравуваат дека ќе престанат да зрачат поради финансискиот товар што го носи дигитализацијата. Симеон Марјанов, сопственик на ТВ „Стар" од Штип прогнозира дека од шест локални ТВ во источниот регион, по две години ќе останат најмногу две.

„Дигитализацијата чини повеќе од 20.000 евра годишно за една телевизија. Ако шесте телевизии во регионов според завршната сметка заедно имаат годишен обрт од 250.000 евра, можете да оцените колку за нив е голем надоместокот за дигитален мутиплекс. Едноставно, нема есап за работа", вели тој.

Flash-Galerie Leibniz Galerie

Во Македонија дозвола за радиодифузна дејност имаат 66 телевизии

Паралелно со процесот на дигитализација, локалните телевизии имаат обврска да прераснат во регионални, што им создава и нови трошоци.

„Регионализацијата бара нови технички и кадровски стандарди и формирање дописничка мрежа, кои исто така се поврзани со финансии. Дури и да ги обединиме ресурсите, како што тоа го направија некои локални телевизии во Хрватска, не верувам дека ќе ги достигнеме неопходните професионални стандарди", скептичен е Марјанов. Сепак, тој влегува во процесот на регионализација, во надеж дека ќе обезбеди нови извори на реклами, неопходни за функционирање на медиумот. И Лазо Димитров, сопственик на ТВ „Кочани" смета дека локалните телевизии нема да го издржат новиот издаток.

„Ако државата смета дека регионалните телевизии имаат посебна функција, нека помогне преку субвенционирање во опрема. Не можеме да сметаме на приходи од реклами, со оглед дека во регионов и нема некои големи бизниси", вели Димитров.

Голем товар и за големите

Не им е лесно ни на големите телевизии кои годишно ќе треба да одвојат најмалку 150.000 евра за дигитализација. Бисера Јордановска, извршна директорка на ТВ „Алсат-М", во име на оваа, но и и на другите телевизии со национална концесија, „Сител" и „Канал 5", вели дека телевизиите се различно напреднати во техничкото опремување за HD емитување.

„Подолг simulcast период ќе беше добредојден, особено во услови на економска криза, за да може полесно да се адаптираме на новите барања, со оглед дека и набавката на соодветната техничка опрема е голем финансиски залак. Главна точка од заеднички интерес во моментов, сепак, е сумата што ќе треба да ја плаќаме кон операторот на дигиталната мрежа, која за нас ќе претставува двојно поголемо оптоварување од она што досега годишно го издвојуваме за МРД, за одржување на мрежата на предаватели, за нивно напојување и т.н.", укажува Јордановска.

Според „ОНЕ", предноста е во тоа што телевизиите веќе нема да имаат трошоци

Symbolbild - Fernsehen Fußball TV

Две третини од домаќинствата во Македонија поседуваат телевизиски приемник кој не може да прима дигитален сигнал

за антенски столбови, годишни трошоци за фреквенции, за одржување предавателна и линковска опрема, како и за резервни делови за нив. Ветуваат подобар квалитет на приемот, подобра програмска содржина, повеќе звучни канали, можност за превод на повеќе јазици и електронски програмски водич. Но, дигитализацијата може да „падне" на фактот што дури две третини (64,8 отсто) од домаќинствата во Македонија поседуваат телевизиски приемник од постара генерација, кој не може да прима дигитален сигнал. Ним ќе им бидат потребни надворешни приемни уреди, опрема каква што во моментов поседуваат само 35 отсто од домаќинствата.

Нема конкуренција

Столе Наумов, член на Советот за радиодифузија, вели дека процесот страда од неинклузивност - невклучување на радиодифузерите и пошироката медиумска заедница.

„Утврдени се цени без да бидат консултирани медиумите и без да се направи анализа. Потребно е цените да се регулираат, со оглед дека нема конкуренција, туку само еден оператор. Тоа го налага и Комисијата за заштита на конкуренцијата", потенцира Наумов.

Според резултатите од истражувањето "Национална анализа за нивото на јавната свест за улогата на дигитализацијата", 17,5 отсто од испитаниците никогаш не слушнале за поимот дигитална телевизија, а 64,9 отсто не знаат дека на 1 јуни годинава ќе се исклучи аналогната емисија на телевизискиот сигнал.

Дигитализацијата на терестријалната телевизија како глобален процес на модернизација на радиодифузијата започна пред две децении. Во САД процесот почна во 1998 година, а целосно заврши во 2009 година. Јапонија е првата земја во Азија која заврши со ерата на аналогно емитување во јули 2011 година. Во Европа дигитализацијата комплетно е завршена во 24 земји, во дел е во тек, а воопшто не е започната само во Албанија, Молдавија и Украина.