1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Дигитален деловен свет - благослов или проклетство?

Дигитализацијата го промени начинот на работење. Веќе не се работи само во канцеларија „од до“, туку насекаде и во секое време. Проблемот е во тоа што работното време така речиси и нема крај.

„Во сабота тато ми припаѓа само мене!“ - со вакви плакати синдикалците порано протестираа пред фабричките порти, се сеќава Лотар Шредер, член на раководството на синдикатот Верди во Германија. Денес, вработените ја отвораат својата деловна електронска пошта и кога се на викенд и кога се на одмор, работат заедно со клиенти и колеги од други временски зони дури и во текот на ноќта.

„Мислам дека мора да размислуваме  за човечката страст кон автономија, денес да се работи овде, утре таму. Но мора да има граница за должината на работата и обемот на работни задачи“, вели Шредер.

Baby am Arbeitsplatz

Што е дома, што работно место?

Многу вработени радо би сакале самите да одлучуваат каде и кога ќе работат. Вакви опции, меѓутоа, се нудат многу малку, тврди социологот Михаел Швемле, еден од авторите на студијата „Дигитална работа во Германија - потенцијали и проблеми“, направена по налог на фондацијата „Фридрих Еберт“. „Мобилното работење“ денес најчесто не е доброволно избрано, туку така се работи за да се исполнат целите на претпоставениот. По осум часа во канцеларија, дел од вработените и натаму треба да се достапни и да реагираат најбрзо што е можно. Резултатот од тоа - веќе не е можно „исклучување“. Смартфоните и таблет-компјутерите изгледаат многу убаво, но нивното користење на долг рок предизвикува здравствени проблеми, меѓу другото и поради премалите тастатури и лошото осветлување, констатира студијата.

Symbolbild Stress am Arbeitsplatz

Ако некој сака да работи среде ноќ тоа може да го прави, но не треба да очекува и од другите да постапуваат како него, договорено е во Мајкрософт Германија

Германското работно право додуша ги штити работниците од искористување, но кој може да контролира што се случува надвор од ѕидовите на претпријатието? Швемле предлага за такво нешто исто така се посегне по техниката - да се забрани пристап до системите во фирмата надвор од договорените времиња. Пример за тоа е заклучувањето на имејл-системот во Фолксваген. Само највисоките по функција менаџери на концернот и вработените чии плати не подлежат на тарифни договори се „поштедени“ од забраната. Швемле пледира и за тоа „правото на недостапност“ да биде дел од тарифниот договор, но и дел од законот.

„Сите софтвер-функции може да се исклучат“, објаснува Маријане Јаник од Мајкрософт Германија. „Секој треба да има слобода да ја искористи техниката“, смета Јаник и нагласува дека во соработка со Советот на вработени во Мјакрософт се договорени правила на постапување. Меѓу другото, на пример, е договорено ако некој од вработените почувствува потреба да работи среде ноќ,

Symbolbild Hacker Computer Tastatur Hand Hände

Треба да е можно „исклучување“ од работниот процес и тоа би требало да е загарантирано со закон

тогаш нема проблем, но не смее да очекува дека така ќе работат и другите. Секој треба да знае што е добро за него, а што не, вели Јаник. Според нејзино мислење, правото на слобода и автономија е истовремено и работа на одговорност и способност на донесување одлуки: „Дали е за мене подобро да работам три дена во канцеларија, два дома, или можеби три дена дома, а два во канцеларија? Кој сум воопшто и како се снаоѓам во ситуацијата во којашто сум? Зависно од животната ситуација се менуваат и моделите на работење. Ако некој има семејство можеби повеќе сака да работи од дома, ако пак некој е самец, тогаш можеби повеќе сака да работи во канцеларија“, заклучува Јаник.