1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Дивите кучиња скитаат во Романија

Откако во Букурешт едно куче-скитник усмрти четиригодишно дете, властите донесоа закон со кој се олеснува убивањето на овие животни. Заштитниците на животните протестираат, а проблемот го има во многу балкански земји

Нема никакви сомнежи дека детето кое си играло на улица во главниот град на Романија починало како последица на напад од куче скитник. По трагичниот настан, романскиот парламент на почетокот на септември усвои нов закон со кој се олеснува убивањето кучиња кои немаат сопственик. На општините им се налага, фатени кучиња да ги држат две седмици и доколку во тој период не се пронајде сопственик, тие смеат да се успијат. Дотогаш владееше закон според кој, кучињата можат да се убијат само доколку се неизлечиво болни или изразито агресивни.

Новиот закон предизвика бројни протести на здруженијата за заштита на животни, но воглавно на странски здруженија, особено откако и Уставниот суд ја потврди правосилноста. Откако е донесен законот, граѓаните евидентирале само неколку десетици случаи на усмртување на кучиња скитници. Габриел Паун, портпарол на организацијата за заштита на животни „Четири шепи“, вели дека и дел од реакциите биле претерани.

„Има луѓе кои и со заштитата на животните ги преминуваат сите граници. Затоа сме ние на страната на мнозинството граѓани во Романија и бараме решение за проблемот со кучињата-скитници“, вели Паун.

Се работи за огромен број кучиња скитници по улиците на Романија. Бројката станува драматична и се проценува дека на улиците има над 100 илјади кучиња скитници. Само во Букурешт ги има најмалку 65 илјади, а тамошниот центар за борба против беснило, Институтот за заразни болести „Матеј Балс“ само годинава морал да вакцинира повеќе од 10 илјади луѓе против беснило.

Стерилизацијата- најдобро решение

Романија не е исклучок. Со сличен проблем се соочуваат и соседните Украина, Бугарија и Србија. Во Украина, каде има стотици илјади кучиња скитници, властите во пресрет на Европското првенство во фудбал во 2012. година, буквално ги ликвидираа кучињата и поради тоа се соочија со гневот на бројни меѓународни организации за заштита на животни.

Во Украина и западните организации за заштита на животни им помагаат на властите да го решат проблемот. Најчесто се користи методот на стерилизација, кој според Габриел Паун, досега се покажал и како најефикасен, затоа што кучињата потоа се далеку помалку агресивни.

И во Романија во последниот период се применува тој метод, со релативен успех. Проблемот е што на земјата и недостасуваат и азили за животни, како и персонал. Во Букурешт, до нападот врз четиригодишното дете, имаше само 12 шинтери, а по нападот тој број е зголемен на 44. Притоа, тука е и стариот проблем-корупцијата. Стерилизацијата на кучињата чини пари, а според тамошните медиуми, голем дел од парите наменети за тоа завршиле во џебови на функционери.

Смртта на четиригодишното момче, притоа, воопшто не е ни прв таков случај во Романија. Напротив, последниве години забележани се редица смртни случаи на луѓе нападнати од кучиња-скитници. Меѓу жртвите имаше луѓе од сите возрасни групи и профили, а настрада и еден бизнисмен од Јапонија.