1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Де Мезие остро против Франција и Британија

Германскиот министер за одбрана во заминување Томас Де Мезие остро ги искритикува сојузниците Франција и Британија, оценувајќи дека не си ги исполнуваат меѓународните обврски.

Де Мезие, кој е близок соработник на канцеларката Ангела Меркел, на церемонијата при неговото простување од вработените во министерството за одбрана изјави дека „Германија нема да прифаќа лекции од ниту една друга земја во Европа за учеството во воените мисии, дури ни од Британија и Франција“.

„Кога станува збор за меѓународните ангажмани ние сме за неколкупати повеќе ангажирани од Франција“, рече Де Мезие мислејќи на мисијата во Авганистан, каде Германија го има третиот најголем контингент војници, зад САД и Британија.

„Германија си ја извршува задачата дури и кога состојбата на домашната политичка сцена е тешка. Ниту една германска влада не доживеала пораз при гласањето за воена интервенција во парламентот“, додаде Де Мезие во очигледна критика насочена кон британскиот премиер Дејвид Камерон и неговиот неуспех да добие поддршка во парламентот за мисијата во Сирија.

„Ова не го кажав додека бев министер, но го мислев. Тогаш морав да се воздржувам, но сега повеќе немам обврска за такво нешто“, порача Де Мезие.

Тој ќе продолжи да работи и во новата коалициска влада која предводи Меркел, односно се враќа во министерството за внатрешни работи. На негово место доаѓа Урсула фон дер Лајен. На заминување, Де Мезие не пропушти да ги искритикува и состојбите во министерството кое до неодамна го раководеше, оценувајќи дека „во Бундесверот има многу проблеми“.