1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Дејселблум треба да го замени Јункер

Холандскиот министер за финансии Јерон Дејселблум треба да биде нов шеф на Еврогрупата. Долго време беше спорно кој ќе го наследи актуелниот шеф Жан-Клод Јункер. Согласноста била постигната во Брисел, јавува АРД.

Околу можноста Јерон Дејселблум да го наследи Жан-Клод Јункер се шпекулираше подолго време. Сега, според информации на германската телевизија АРД, шефовите на држави и влади во Брисел постигнале согласност 46-годишниот Холанѓанец да стане нов шеф на Еврогрупата. Формално, тој треба да биде сепак избран од страна на министрите за финансии на земјите од Еврогрупата.

Дејселблум изјави дека во случај да биде избран, ќе продолжи да ја извршува функцијата холандски министер за финансии. Работата како шеф на Еврогрупата тој ја сфаќа како дополнителна задача.

Првиот човек на Еврогрупата во време на должничка криза има една од клучните улоги. Од дипломатски кругови се нагласуваше дека шефот мора да дојде од земја која има највисок бонитет. Со ваквиот услов, кругот на потенцијални кандидати беше реалтивно мал - освен Холандија, уште само Германија, Луксембург и Финска ја имаат највисоката оценка од страна на рејтинг-агенциите. Германската канцеларка Ангела Меркел го воведе во дискусија како можен кандидат министерот за финансии Волфганг Шојбле, но по промената на власта во Франција, официјален Париз не беше расположен да му даде поддршка германскиот министер.