1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Децентрализацијата е долгорочен процес

Интервју со министерот за локална самоуправа на Република Македонија,Ризван Сулејмани.

Господине министре,дали процесот на децентрализација една година потоа може да се оценува како успешен или неуспешен старт?

-Јас со право можам да речам почетокот на децентрализацијата,зашто отсекогаш сум велел дека децентрализацијата,а особено локалната демократија е долгорочен процес.Ние денеска можеме да зборуваме за првата фаза,преносот на надлежностите,персоналот,недвижностите од централната врз локалната власт,а таа фаза мислам дека е успешно завршена ,зашто освен некои ситни забелешки од локалната власт во однос на некои преноси на луѓе во одредени области,немаше некои поголеми забелешки.Тоа не значи дека децентрализацијата е завршена.Ние влегуваме во многу значајна фаза,која ја нарекуваме фаза на градење капацитети или фаза на градење ефективна локална администрација која понатаму ќе промовира вистинска локална демократија.

Дали овие одделни случаи на спорење на пример меѓу општина Кисела вода и Аеродром околу делбените биланси влијаат врз тоа да не можат да функционираат општините?

-Јас морам да го оквалификувам овој случај како оделен,специфичен,кога два карактери луѓе требаше да решаваат оделен проблем.Спротивно на тоа е примерот со Чаир И Бутел,кога двајца градоначалници од различно етничко потекло,од различни политички партии,дури еден од партија од власт,а друг од партија од опозиција,но многу елегантно,со многу мала наша помош,успеаја да решат ист проблем.Мислам дека и во првиот случај ќе се најде начин за наоѓање решение.Мислам дека тоа не треба да биде лош пример на функционирање,зашто истите луѓе,на пример градоначалникот од Кисела вода има одлична соработка со други општини,чии градоначалници се од друга етничка припадност.

Веќе има навестувања дека границите на општините не се најсреќно одбрани.На пример апсурдна ситуација-Чаир во Скопје,која е населба со доминантно албанско население,која е една од најгусто населените области во Европа со 18 илјади жители по квадратен километар.Втората општина Центар со трипати помала густина на населении,а во Скопје треба да решаваат идентични инфраструктурни,политички економски и локални проблеми?

-Факт е дека Чаир е една од најнаселените општини а со најслаба инфраструктура.Но факт е и дека целиот овој процес,а посебно територијалната организација се одвиваше под силен политички притисок.Не случајно јас секогаш зборувам за деполитизација на овој процес.Се додека се работи под силен политички притисок,рационалните решенија тешко доаѓаат до израз.Се надевам,едне ден кога ќе сватиме дека децентрализацијата не беше наша судбина туку наш избор,дури и за ова прашање може да се најде рационално решение.

Мислите ли дека е можно да дојде до иницијатива за промена на одредени граници на локалните заедници?

-Па,веќе имаше иницијативи,и од општина Чаир,но ние во нашата програма зацртавме дека во следните шест месеци ние ќе вршиме проверка на сите закони или измени кои беа донесени во овој период ,за оние кои ќе оцениме дека можат да бидат проблем во функционирањето на одредена надлежност,ќе ги ставиме во приоритети на владата.