1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Децентрализацијата води во Европа

Министерот за локална самоуправа Зоран Коњановски, задоволен од извештајот усвоен од Конгрeсот за локални регионални власти на Европа, најавува скоро спроведување на препораките испратени од Стразбур до македонската влада.

default

Министерот за локална самоуправа Зоран Коњановски, заедно со делегација на Заедницата на единиците за локална самоуправа на Република Македонија (ЗЕЛС), деновиве престојуваа во студиска посета на Франција. Посетата беше организирана од страна на Агенцијата за реконструкција на Европската Унија.

„Имавме убава, исклучителна можност да посетиме неколку општини, региони и префектури во Република Франција и да се запознаеме со системот, да видиме како тука и на кој начин се врши обуката на локалната администрација, како се преземени надлежностите и како тие се покриени со финансии. Мислам дека сме побогати за едно искуство, имавме можност да размениме повеќе мислења и тоа ќе ни биде од исклучително значење за нас во Република Македонија“, ни рече министерот Коњановски.

Посетата во Франција се совпадна со усвојувањето на извештајот за локалната демократија во Македонија од страна на Конгресот за локални и регионални власти на Европа. Македонскиот ресорен министер не го криеше задоволство од содржината на извештајот.

„За прв пат Република Македонија доби еден позитивен извештај, она што го говоревме дека процесот на децентрализација е вистинската европска вредност во Република Македонија и најсреќни сме што воопшто започна тој процес на децентрализација. Во извештајот препознаваме и многу други работи кои треба да ги направиме за да го заживееме и да му дадеме дух на самиот процес на децентрализација. Направивме многу во овие две години, но имаме уште многу да направиме, затоа што процесот на децентрализација не мирува, тој се движи.“

Меѓу поважните препораки испратени до владата на Република Македонија, од страна на Конгресот е обуката на вработените во општините и финансирањето на општините. Министерот Коњановски вели дека веќе се работи на исполнувањето на овие препораки.

„Во тој поглед можам да кажам дека заедно со трилатералниот комитет со ЗЕЛС и со Агенцијата за државни службеници, ја направивме програмата за обука на самата администрација. Очекуваме за неколку недели да ја усвоеме на влада самата програма.“

Македонскиот министер за локална самоуправа е убеден дека децентрализацијата е таа која ќе и го отвори патот на Македонија кон Европската Унија, бидејќи според него:

„Децентрализацијата е највисоката европска вредност и цело време треба да се посветиме на овај процес јакнејќи ги капацитетите.“

Околу најавите за неговото заминување од владата поради влегувањето на Партијата за Демократски прсперитет во владината коалиција, Зоран Коњановски вели:

„Јас сум задоволен затоа што таа партија ќе влезе во владата на Република Македонија, тие имаат желба да го раководат ресорот за локална самоуправа. Мислам дека во овие девет месеци јас како министер и владата на Република Македонија направи многу за процесот за децентрализација. Се надевам дека ако дојде министер од ПДП, сигурен сум дека ќе биде подготвен да ги доврши оние проекти кои јас ги најавив, а не ги имам завршено. Навистина имавме премногу амбициозна програма како Министерство за локална самоупрва. Досега во овие девет месеци реализиравме многу од тие работи, но остануваат уште неколку работи да се реализираат до крајот на годината за да бидеме во целост задоволни во врска со она што сме го зацртале. Во секој случај се надевам дека ќе има подршка од владата, од премиерот и од меѓународната заедница, во онаа мера во која јас ја имам.“