1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Децата питачи улиците ги заменија со топол дом

Социјалната полиција, тимови од социјални работници и полицајци згрижија голем број деца од македонските улици. Во текот на јануари вакви згрижувачки акции ќе спроведат и со другите ранливи категории на граѓани.

default

По засилените акции на мешовитите тимови од социјални работници и полиција во изминатите три ипол месеци веќе и да нема деца на улица кои питачат. Една од локациите каде се носат и ресоцијализираат овие деца е Транзитно - дневниот центар кој е сместен во Автокоманда во Скопје. Раководителката на овој центар, Љубица Кратовалиева со својот стручен тим од социјален работник, психолог, педагог и одделенски наставник секојдневно работат со децата. Најголем дел од овие деца се Роми, тие се на возраст од 4 до 14 години, не посетуваат редовна настава и тука се донесени буквално од улица. Наша основна цел е заштита и грижа за овие деца и нивните родители, појаснува Кратовалиева. „За таа цел разработена е програма по која се работи со децата, воспитно образовна содржина. Ги едуцираме децата, значи во текот на денот постојано се работи со нив. Исто така ги зацврстуваме културно - хигиенските навики, континуирано се работи и на социјализација на децата. Тие овде наоѓаат еден втор дом кој им е топол и пријатен“.

Betteln Bettler Mostar Bosnien-Herzegowina

Се советуваат и родителите

Нејзината колешка од стручниот тим, која сака да остане анонимна за работата со овие деца за Дојче веле појаснува. „Наутро тргнуваме во 8 часот, одиме во нивните домови, ги земаме со наше возило. Потоа доаѓаме во Дневниот центар во Автокоманда. Тие деца што има потреба се бањаат, им даваме чиста облека, гледаме хигиената да биде запазена. Потоа кога ќе се завршат тие работи, работиме на воспитно образовниот процес со децата, им подготвуваме образовни работилници, работиме на нивно основно описменување. Значи ова се деца кои не одат во редовно училиште“.

Тимот работи и со нивните родители: „Ние соработуваме со родителите“, појаснува раководителката Кратовалиева.

Љубен Костовски е воспитувач во Дневниот центар. Овие деца се од друг социјален слој и им треба посебно внимание да се вратат во нормални услови на живот. „Се обидуваме да им појасниме дека треба да почитуваат, дека треба да го ценат она што им го даваме и овозможуваме тука, да им кажуваат на родителите дека не сакаат да одат на улица да питачат. Се обидуваме колку толку да им дадеме некое знаење, да научат да пишуваат, да читаат основни работи, а  со кои понатаму можат да размислуваат поинаку од родителите“, појаснува Костовски.

Децата се среќни во Дневниот центар

Roma Armut

Децата се среќни, тоа може да се забележи од нивните насмевки, чисти се измиени, нахранети и топло им е, велат дека не сакаат да одат назад на улица.

Сибилџан,Софија, Мухамед се некои од нив. „Порано си играв на улица, дојдов тука да учам азбука, јас тука сум среќна“, вели Сибилџан.

Софија додава: „Јас тука научив да пеам, да читам, да пишувам“. Шестгодишниот Мухамед видно среќен од престојот во Дневниот центар вели: „Тука ми е топло, имам ручек, имам другари, имам добри наставнички“.

Во изминатите триипол месеци социјалната полиција згрижи 75 деца од улица

Во изминатите месеци со акциите на социјалната полиција згрижени се 75 деца од улица од Скопје, Куманово, Битола, Прилеп и Охрид, информира Ирена Тодороска координатор на проектот од Министерството за труд и социјална политика. „Мерката на привремено згрижување во установа е спроведена за 38 деца. Досега се поднесени околу 40-тина кривични пријави за родителите и 20 прекршочни пријави до Основното јавно обвинителство“.

Во текот на јануари по скопските улици ќе започнат со работа и новите Патролно социјални тимови составени од стручњаци од Центрите за социјална работа, Црвениот крст и вработени во Општините Гази Баба, Центар и Ѓорче Петров. Тимовите треба да им даваат совети и да ги згрижат и останатите ранливи категории на граѓани, како бездомници и стари лица, наркомани и други оставени на улица.

Автор: Антоанела Димитриевска

Редактор: Александра Трајковска