1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Децата на Штази

Припадниците на Штази во поранешната ГДР контролирале и шиканирале. Но, и самите биле под надзор. Многу често страдале нивните семејства, особено децата, за кои Рут Хофман ја напиша книгата под наслов „Децата на Штази“.

Штит и меч на партијата- така себеси се нарекуваше Службата за државна безбедност во поранешната ГДР. Основана во 1950. година по примерот на советската тајна полиција, од самиот почеток таа служела како инструмент за репресија над оние кои биле прогласувани за непријатели на државата, односно на комунистичкиот режим. Припадниците на раководството на Штази формирале и затворено „општество во општество“- живееле во посебни станбени квартови, имале привилегии и биле надпросечно добро платени, а на располагање имале и сопствени продавници, доктори, клиники и одмаралишта. Имале предност и при купувањето автомобил.

Систем на наредби и послушност

Ruth Hoffmann, Autorin des Buches Stasi-Kinder

Рут Хофман

Новинарката Рут Хофман открила цел свет на страдања во кој- под привидот на нормален живот- „децата на Штази“ се снаоѓале како знаеле и умееле. Децата морале да бидат „на линија“, без затоа и самите да бидат свесни. На пример, на конкретно прашање тие морале да дадат одговор од типот: „Мојот татко работи при Министерството за внатрешни работи“. Тоа била пропишаната лага, но децата и не знаеле дека тоа е лага. Татковата работа во нивните домови била табу, за тоа не се говорело. Татковците живееле во систем кој се темелел на наредби и послушност и во најголем број случаи тие принципи ги пренесувале и на своите деца.

„Најголемиот дел од оние со кои разговарав рекоа дека за се’ постоеле правила. Се подразбирало дека децата морале да бидат добри пионери, подоцна членови на Младинската организација на ГДР, а потоа и членови на Партијата. За припадниците на Штази било важно целото семејство да им биде „на линија“, бидејќи кај нив немало одвојување на приватниот живот од службениот“, вели Хофман.

Нивните шефови знаеле се за нив. При изборот на агенти, морало да се знае се’ за нивното опкружување во местото на живеење, за нивните пријатели, партнери и активностите во слободно време. Подоцна постојано биле следени и активностите на нивните семејства.

Ментални предиспозиции

Рут Хофман во својата книга известува за бројни случаи во кои татковците морале на рапорт кај своите претпоставени поради активностите на нивните деца, на пример, поради тоа што синовите им се дружеле со панкери или со припадници на мировни движења. Некои дури биле толку ревносни што и самите си ги пријавувале децата. Еден агент јавно се откажал од синот, откако овој завршил во затвор поради банална критика која ја напишал за еден ѕиден весник.

Stasiunterlagen der ehemaligen DDR

Досиеја на Штази

Дали некое лице морало да има одредени ментални предиспозиции за да стане агент на Штази? Авторката на книгата го наведува мислењето на психијатарот Харалд Фрајбергер од Универзитетот во Грајфсвалд, кој утврдил дека одредени структури на личности биле особено добро предиспозиционирани за работа во Штази.

Инаку, Штази во суштина била машка служба, а жените не играле речиси никаква улога.

„Во Штази околу 84 отсто од вработените биле мажи. Малубројните жени кои се затекнале таму претежно биле чистачки или секретарки и имале небитна улога“, вели Хофман.

Една од најлошите последици за децата на агентите на Штази, кои веќе одамна се возрасни луѓе, е фактот што нивните татковци и по падот на Берлинскиот ѕид не сакаат да им ја откријат вистината за нивните активности. Иако веќе нема причина податоците да се држат во тајност, молкот продолжува.