1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Децата во Индија затруени од небрежност или намерно?

Бројот на деца кои починаа како последица на труење со храна во едно основно училиште во Индија се зголеми на 22. Истрагата утврди дека во состојките се пронајдени траги од отров за инсекти.

Девет ученици во државното основно училиште во Саран, во сојузната индиска држава Бихар, починаа уште вчера (16.07), додека другите 13 починаа во текот ноќта. Сите 46 деца кои јаделе од храната по оброкот се жалеле на болки во стомакот. Голем дел од децата повраќале и паднале во бесознание. Децата и готвачката биле однесени во болница, но 14 девојчиња и осум момчња не го преживеаја труењето. Жртвите се на возраст меѓу пет и десет години. Две деца се‘ уште се во критична состојба.

Лекарите претпоставуваат дека станува збор за труење со средство за заштита на растенијата. Истрагата сега треба да покаже дали храната случајно била затруена или се работи за намера.

Владата на Бихар им вети на семејствата на жртвите обесштетување од околу 2.500 евра за секое починато дете. Во Саран стотици разбеснети луѓе протестираат поради труењето, а протестите се делумно проследени и со безредија. Директорката на училиштето, против која е покрената истрага, исчезна.

Во Индија околу 120 милиони деца добиваат бесплатен оброк. Тоа е воведено со цел сиромашните родители да ги испраќаат децата на училиште. Според Јагдамбика Пал, портпарол на владејачката Конгресна партија во Бихар, во оваа сојузна држава постојано се користат расипани и неквалитетни прехранбени намирници.