1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Дефинитивен крај за проектот за нафтовод Бургас - Александруполис?

Планираниот нафтовод Бургас-Александруполис и е трн в око на актуелната влада на Бугарија. Владата реши да се откаже од заедничкиот проект со Русија и Грција. Зошто бугарската влада го напушта проектот дури сега?

default

„Бугарија излегува од проектот оти не може да биде спроведен под условите утврдени со спогодбата од 2007 година“, гласи официјалното образложение на вицепремиерот и министер за финансии Симеон Ѓанков. Таквата формулација остава простор за разни шпекулации. Руските фирми „Газпром нефт“, „Роснефт“ и „Транснефт“, кои имаат удел од 51 процент во проектот, тврдат дека последните години станало јасно оти Бугарите не се во состојба да ги извршат своите финансиски обврски. Бугарија и Грција учествуваат со по 24,5 проценти во трошоците. Бугарските експерти од надлежното министерство се на мислење дека проектот не е профитабилен за земјата. Приходите од транзитот на нафта со нафтоводот би изнесувале 35 милиони долари годишно и според сегашните финансиски проценки за проектот, Бугарија дури по 12 години би почнала да остварува профит.

Целта на нафтоводот Бургас - Алаксандруполис е кај транспортот на руска нафта да се растоварат морските патишта низ Босфорот и Дарданелите. Преку нафтоводот би требало да проаѓаат 50 милиони тони руска нафта годишно за пазарите во Јужна и Западна Европа. Договорот за проектот го потпиша претходната бугарска влада во која доминираа социјалистите. Нејзината енергетска политика беше под белегот на блискоста со Русија и на поголемата енергетска зависност од неа. За време на сегашнава влада, пак, паралелено се одвиваат уште два други проекта со големо руско учество: изградбата на атомската централа во Белене, како и гасоводот „Јужен поток“. ЕУ со внимание и скепса гледа на тие два проекта: во однос на атомската централа има задршки во врска со безбедноста поради закани од земјотрес, а во однос на гасоводот оти тој му конкурира на НАБУКО - сличниот проект на ЕУ. Поради тоа руските медиуми набргу по решението на бугарската влада дојдоа до заклучок дека откажувањето било под диктат од Западот. Тие ги цитираат руските фирми кои учествуваат во проектот дека ниедна договорна страна не може да го напушти проектот без санкции, иако Бугарија е подготвена, и покрај откажувањето, да ги плати заостанатите износи за Друштвото за реализација на проектот во висина од 6 милиони евра.

NO FLASH Russische Ölpipeline Freundschaft

Бугарите, пак, се повикуваат на своите права во договорот и тврдат дека откажувањето не носи никакви правни и финансиски консеквенции. Од пред еден месец владата има еден аргумент помалку против нафтоводот Бургас-Александруполис: министерството за екологија процени дека нафтоводот не би претставувал еколошка опасност. Градовите на јужното црноморско приморје страхуваа дека нафтоводот би им ги намалил приходите од туризмот.

Може само да се шпекулира зошто, и покрај ова, Софија вели „не“. Некои бугарски весници тврдат дека рускиот премиер Путин неодамна му ставил на знаење на бугарскиот премиер Борисов дека Русија била подготвена да се откаже од нафтоводот низ Бугарија. Услов би бил посилно да се туркаат напред другите два енергетски проекта Белене и „Јужен поток“. Руски набљудувачи шпекулираат дека Русија сега би можела да инвестира во алтернативен нафтовод Самсун - Чејхан низ Турција, иако тој проект би бил многу поскап поради високата турска транзитна тарифа.

Има ли воопшто некаква иднина нафтоводот Бургас - Александруполис: Решението би можело да падне веќе денеска (14.12.2011), за кога е закажана наредната седница на Надзорниот одбор на проектот. Таму ќе се покаже дали Русите и Грците го прифаќаат бугарското „не“.

Автор: Мануела Липчева Вајс/ Зоран Јордановски

Редактор: Александра Трајковска