1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Детски пекол во земјата на богатите

Во Швајцарија, од почетокот на 19 век до 60-те години од 20 век, деца од разведени бракови или без еден познат родител биле сместувани во семејства, кои ги користеле како бесплатна работна сила.

default

Зад фасадите се криеле тешки судбини

Швајцарија денес се смета за напредна и демократска земја. Стандардот е дури повисок од оној во Германија и добар дел од другите земји членки на ЕУ. Но, во скорешното минато на Швајцарија има и темни страни, на пример непримерното искористување деца и млади од разведени бракови или без еден познат родител, што траело од почетокот на 19-тиот век, а продолжило се до 50-тите и 60-тите години од 20 век. Станува збор за деца кои биле одземани од нивните родители, а потоа надлежната државна служба ги давала на згрижување во оние семејства кои барале најмалку пари од државата за нивната нега. За нега и одгледување, меѓутоа, воопшто не станувало збор! Тие биле напротив користени како бесплатна работна сила на селските имоти и во манифактурните работилници, за тоа не добивале никаков паричен надомест, туку само сместување и храна, а немале ниту какви какви било права и заштита, така што често биле подложени на малтретирање, па и на сексуално злоставување. Бројот на овие деца не се знае, но се проценува на стотици илјади.

Болни сеќавања

Селска идила. Во малото село во близина на Берн речиси ништо не се променило од 50-те години. Но, Роланд Бегерт не може да ужива непречено во селската идила. За овој 72-годишник селскиот имот крие болни спомени. На овој имот морал напорно да работи, бил т.н. дете под старателство.

Badrutt’s Palace Hotel St. Moritz Schweiz

„Нормално беше да се стане во пет часот, потоа се одеше во шталата, во лето да се донесе трева. Колку пати само морав да го чистам овој двор, тоа беше секојдневен ритуал. Таму имаше кокошарник, морав да се грижам и за него. Во лето, работниот ден траеше по 15-16 часа без прекин“, раскажува Роланд Бегерт, кој за својата работа добивал стан и храна, но не и пари. Тоа било вообичаено за децата под старателство. Во тоа време мајка му немала пари за да го издржува и затоа старателството над него го презела државната Служба за згрижување на деца и млади. Тие пак, го дале на згрижување во селското семејство, каде наместо грижа и нега добивал само многу, многу работа.

Шталата денес се користи како магацин, но Роланд Бегерт добро се сеќава на топлината што се ширела од животните. Шталата, особено во зима, била негово засолниште, зашто во собата во која спиел, немало греење.

„Тука пишував домашни задачи, читав крими-романи, мали книшки кои ги криев во шталата и кришум ги читав.“

Борба против молкот во општеството

Во Швајцарија, се‘ до 70-те години на минатиот век, така животареле повеќе од 100 илјади деца, најчесто на селските имоти или во работилниците.

Роналд Бегерт денес живее во Берн. Сака да се бори против премолчувањето на овој дел од швајцарската историја: „Тоа едноставно е дел од нашата историја и потребна е храброст да се признае и да се внесе во учебниците по историја.“

Но, политичарите се воздржани, иако владата во Бернскиот кантон нарача да се изработи студија за судбината на овие деца.

„Тоа што се случи не може повеќе да се поправи, но важно е властите да го испитаат и да се извинат за тоа. Да речат едноставно: тука згрешивме“, вели членот на кантонската влада во Берн, Кристоф Нојхаус.

Никогаш никој не рекол - благодарам!

Децата наемни работници во меѓувреме се организираа и сега редовно се среќаваат. Марија Пуро, како млада девојка во смејството каде била згрижена, се грижела за нивните пет деца. Никогаш никој не и‘ се заблагодарил за грижата.

Schweiz Verdingkinder

Бегерт се помирил со минатото

„Јас сум денес како празна лушпа, како исшмукана школка. Содржината е исцедена, од мене исцедија нешто, па остана само празна школка“, вели Марија.

Роланд Бегерт, пак, своите лоши искуства ги стави и на хартија. На тој начин, вели, се соочил и го надминал своето минато. Денес е успешен човек, гимназиски професор, патува по Швајцарија и раскажува за доживеаното. Но, му требало долго време додека собрал сили да зборува за искуствата, порано дури и се срамел од својата судбина.

„Кога бев помлад, на 20-30 години, никому не сакав да му раскажувам за моите трауми од детството.“

Препуштени сами на себе

Во Базел е организирана првата изложба на тема судбината на децата наемни работници. Претставниците на власта бесрамно ги искористувале децата, одземајќи им го и она малку што успевале да го заштедат на селските имоти:

„Кога ќе наполневте 20 години, не моравте веќе да имате старател. Но, тогаш ви беше одземана целата заштеда, државните службеници тоа го толкуваа со некакви пари кои биле плаќани за нас. Со 20 години бевме препуштени на милост и немилост на овој свет, без скршена пара, единствено со облеката на себе.“

И покрај лошите спомени, Роланд Бегерт се помирил со децата на луѓето кај кои работел. Како што вели, тешката работа го огрубела, но сепак, и покрај тешкото детство, смета дека имал исполнет живот.

Автор: Рут Рајхштајн / Жана Ацеска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска