1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Детска сиромаштија во Источна Европа

default

На денешниот Светски ден на борба против сиромаштијата УНИЦЕФ повикува на свртување на вниманието кон децата од Источна Европа, каде состојбата драматично се влошува. Според студијата на УНИЦЕФ, таму секое трето дете живее во сиромаштија, а голем број од нив потпаѓа под влијание на алкохолот, дрогата и проституцијата.

Украинскиот град Одеса на Црното море доби нов лик по распаѓањето на Советскиот Сојуз. Голем број фасади се исчистени и реновирани, нов сјај доби и старата опера во градот, а голема атракција за туристите се и долгите чисти песочни плажи. Новиот сјај меѓутоа и е наменет пред се на надворешноста, со огорченост открива соработникот на УНИЦЕФ Руди Тарнеден, кој неодамна престојуваше во Одеса.

“На вечер ми пријде една млада жена со дете в рака, која ми ги нудеше своите услуги како проститутка“ - вели Тарнеден и додава дека за сиромашните дојдоа многу полоши времиња по крајот на комунизмот. Кај нив има големи стапки на невработеност, алкохолизам и општа безнадежност, бидејќи немаат никакви перспективи. Слична е состојбата и во другите источно европски земји, каде според статистиките преку 700.000 деца живеат во дом за деца без родители. Русија воопшто не е опфатена со овие податоци.

“Во Одеса сретнав деца кои избегале од домовите за незгрижени. Тие едноставно и трогателно велат: не издржав, никогаш не смеев да сторам што сакам, другите деца ме тепаа и ме лутеа. Затоа децата бегаат во надеж дека на друго место ќе најдат парче иднина за својот живот“ - раскажува Руди Тарнеден.

Иднината на овие деца меѓутоа најчесто е многу мрачна. Тие завршуваат на улица, каде мораат да се борат за преживување на разни начини:

“Преку работење, тргување со дрога, крадење, питачење. Само во Одеса живеат околу 3.000 вакви деца кои делат се, вклучувајќи ги и иглите за дрогирање. Во меѓувреме многумина од нив имаат сида.“

Бидејќи се обидуваат да преживеат и преку проституција, вирусот на сидата се шири понатаму, така што во Источна Европа има преку 230.000 лица што се инфицирани. Најстрашно од се е што за сите овие проблеми во земјите од Источна Европа се молчи, нагласува Руди Тарнеден од УНИЦЕФ, и порачува дека како средство за притисок треба да се користи желбата на овие земји за пристапување кон ЕУ:

“Однесувањето кон социјалните проблеми е важен критериум за отпочнување преговори со ЕУ, кон која најголемиот дел од овие земји се ориентира. Така за Романија како многу важен услов е поставено подобрувањето на состојбата во домовите за незгрижени деца“ - посочува Руди Тарнеден.