1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Детроит: Авто-индустријата пред големи предизвици

Во Детроит започна првиот голем меѓународен авто-саем во 2013 година. Автомобилската индустрија актуелно се соочува со два големи проблема:продажбата во Европа опаѓа, а се бараат и решенија за освојување на нови пазари.

Грижи сепак не ги мачат сите производители подеднакво. Фолксваген работи одлично. Автомобилските стручњаци на концернот од Волфсбург му даваат одлични оценки. „Фолксваген предводи листа на компании кои, според мислењето на стручњаците, можат и во иднина да очекуваат најголема стапка на раст“, кажува Матју Мејер. Тој е раководител на секторот за автомобилска индустрија во консултанската компанија КПМГ и објави студија за развојот на автомобилската индустрија. Мејер верува дека Фолксваген ќе ги оствари зацртаните цели на работење и дека до 2018 година ќе стане најголем светски производител на возила.
По Фолксваген, на второ место (што се однесува до очекувањата на автомобилските експерти) со очекуван раст на работата е БМВ, тврди Мејер. И БМВ е германска компанија.

Кинеска конкуренција

Mathieu Meyer Leiter globaler Automobilbereich bei KPMG

Матју Мејер, раководител на секторот за автомобилска индустрија во консултанската компанија КПМГ



Зад Фолксваген, БМВ и јапонската Тојота, на четврто место се наоѓаат амбициозните јужнокорејски производители Хјундаи/Киа. Меѓу 10 автомобилски компании со најдобри работни изгледи, КПМГ наведе дури 4 кинески производители. Во западниот свет тие се главно непознати: БАИК, САИК, ФАВ и Гили (BAIC, SAIC, FAW und Geely). Меѓу десетте најдобри се најде и индискиот концерн Тата, кој ги откупи луксузните марки Јагуар и Ленд Ровер.
„Од 10 фирми со најдобри понтенцијали за раст, 8 се од Азија. Најмногу се од Кина. Тоа се фирми кои на пазарот имаат најдобри изгледи во следните 5 до 10 години“, додава Мејер.

БРИК и Европа

Познавачите на автомобилската индустрија очекуваат дека во наредните 5 години бројот на произведени и продадени возила најпрво би можел да опадне во Европа. Најголем пад се очекува во Италија и во Шпанија.
Сосема е поинаква сликата во т.н. ново- индустријализирани земји. Таму стручњаците очекуваат пораст на производната и продажната стапка, пред се’ во Бразил, Русија, Индија и Кина (БРИК). Возилата кои се произведуваат во тие земји, и кои се во прв ред наменети за домашните купувачи, според мислењето на КПМГ до 2018 година би можеле да достигнат стандардни квалитети кои важат во развиените земји. А потоа повеќе ќе нема причина тие возила да не се извезуваат.

Мостот на истокот на Европа

Испитаниците во рамките на студијата на КПМГ нагласиле дека очекуваат оти компаниите од БРИК земјите на пазарот на Стариот континент ќе „влезат“ главно преку источна Европа. „Индиските и кинеските производители ќе ја користат источна Европа како мост за западноевропскиот пазар, а на американскиот континент, Кинезите и Индијците како мост главно ќе го користат Мексико“, очекува Мејер.
Голем предизвик за производителите, во зависност од тоа за кој регион станува збор, ќе бидат различните желби на муштериите. Во развиените индустриски земји купувачите сакаат мали, еколошки автомобили. Испитаниците на студијата на КПМГ поради тоа очекуваат зголемен пораст на тие пазари, но само во сегментот на компактни, мали и најмали возила.

Статусни симболи



И во земјите во развој во иднина ќе бидат барани такви модели. „Но многу голем пораст во ново-индустријализираните земји очекуваме во областа на возила кои служат како статусни симболи, на пример СУВ - моделите“, прецизира нашиот соговорник од КПМГ.
Темата за која ќе се зборува во американскиот Детроит сигурно ќе биде порастот на значењето на услужниот сектор во областа на мобилноста. Три четвртини од испитаниците очекуваат дека на пазарот во брзо време ќе се етаблираат и алтернативи за класичното поседување на возила, како Каршеринг. Повеќе од 50 проценти од испитаниците очекуваат комбинирана мобилност- автомобилот би требало да се користи во комбинација со средствата на јавниот превоз.

Развој на моторите со внатрешно согорување

Најважното прашање кое ја мачи браншата, е воедно и прашањето на кое е најтешко да му се даде одговор, врзано е за иднината на доминантната погонска технологија. По еуфоријата околу електричниот погон, се’ повеќе стручњаци очекуваат дека во наредните 5 години големите производители ќе вложуваат средства во подобрување на моторот со внатрешно согорување.