Детето на пријателот или најдобриот студент? | Македонија | DW | 02.05.2011
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Детето на пријателот или најдобриот студент?

Македонските студенти страдаат од недостаток на практични знаења, што негативно се одразува и врз бизнис секторот. Сега се преземаат иницијативи за подобрување на состојбата на тој план.

default

Стопанскиот и академски сектор се соочуваат со заеднички проблем. Компаниите имаат потреба од висококвалификуван кадар, но универзитетите нудат многу теорија, а малку пракса. Вакви се резултатите од анкетата, што ја спроведе Американската стопанска комора, направена во бизнис заедницата. На младите им е потребна дополнителна обука, велат претставниците на компаниите. Дипломците имаат слаби комуникациски вештини, слабо го познаваат англискиот јазик, но и мајчиниот, македонски јазик.

„Студентите завршуваат и добиваат дипломи на магистри, но за жал имаме тажни искуства со премногу квалификуван кадар со високообразовни дипломи, кои имаат многу мали практични знаења,“ вели консултантот Биљана Ацевска.

Според Искра Трајковска, менаџер со човечки ресурси од секторот за информатичка технологија, едно од можните решенија за надминување на ваквата состојба е воведување на кариерни советници, кои би ги подготвувале студентите за она што ги очекува во компаниите.

„Кога студентите ќе дојдат во фирмите, тие се буквално изгубени. Не знаат ништо за компанијата, не знаат што треба да направат, од каде да почнат, што треба да

Се надминува трендот на вработувањата со врски?

Се надминува трендот на вработувањата со врски?

научат, што треба да прашаат, на што треба да се посветат, како да се однесуваат. Сметам дека тоа е нешто, што ние како бизнис заедница, заедно со факултетите, треба да го разгледаме и да направиме еден вид кариерни советници при самите универзитети, кои ќе бидат задолжени за подготовка на студентите.“

За да се задоволат потребите на бизнисот, универзитетите и бизнис заедницата треба да понудат зедничка обука за студентите, вели Борче Давитковски - Декан на правниот факултет во Скопје.

„Со давањето на дипломата нашата едукативна обврска не завршува, а од друга страна, ние исто така треба со бизнис заедницата да се договориме, зависно од професијата, какви мали обуки може да правиме заедно со нив, за да ги задоволиме потребите на бизнисот.“

Во странство фирмите се борат за најдобрите студенти

Илија Чулев е во десетти семестар на Техничкиот универзитет во Виена. За Дојче веле раскажува за австрискиот студентски план. Вели дека е доста флексибилен, се менува, се дополнува, но секогаш е во тек со индустриските потреби:

„Често се случува испитните задачи да бидат конкретни проблеми, со кои фирмите се соочуваат. Целта е соодветно да ги подготват студентите за следниот чекор - работата, а со тоа Германија и Австрија да останат лидери во техничкото образование во светот.“

Најдобрите студенти се секогаш на мета на врвните австриски компании

Најдобрите студенти се секогаш на мета на врвните австриски компании

Илија Чулев потенцира дека врвните австриски компании секогаш се во борба за најдобрите студенти.

„Двапати годишно компаниите организираат саеми на факултетите, каде студентот има директна можност да ја презентира својата биографија и да аплицира за работа.“

Есад Рахиќ е директор на маркетинг на Универзитетот ФОН. Според него, овој универзитет е чекор напред пред останатите во обезбедување на врските меѓу бизнис секторот и студентите.

„Сите студенти беа на интервју со бизнисмените. Врвните бизнисмени, што ние ги носевме тука да им држат предавања, ги оценуваа истите студенти. Бизнисмените веќе забележаа неколку студенти, кои сега во моментов одат на пракса во тие компании и доколку се` биде во ред, тие ќе бидат носечка сила на таа компанија.“

Треба да се вработи квалитетниот

Меѓутоа Есад Рахиќ смета дека општата состојбата е лоша, поради проблемите во студентската организација и свеста на младите.

„Во време кога во цел свет студентите се движечка сила, сметам дека нашите студенти се маргинализирани по нивна сопствена волја. Ја нема инвентивноста, нема желба за докажување, нема желба за поправање на состојбите во општеството.“

Есад Рахиќ коментира и за работата на бизнис заедницата. Тој ги обвинува и компаниите дека не ја сфаќаат доволно суштината на бизнисот:

„Тие уште функционираат како родовска заедница, како семејство. Тој во рамките на својата компанија ќе го земе пријателот, детето на пријателот, некој свој внук, а нема да го земе најквалитетниот студент. Тоа е самоуништувачки и мислам дека тој тренд полека се надминува во Македонија“, вели Рахиќ, додавајќи дека времето и глобализацијата ќе придонесат и македонските студенти да ја сфатат сопствената вредност.

Автор: Владимир Калински

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска