1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Десничарски екстремизам 2.0

Неонацистите се’ почесто ги користат социјалните мрежи за да регрутираат млади луѓе. Нивните идеи најчесто ги шират преку Фејсбук и Јутјуб, и честопати добро ги прикриваат.

default

Неонацистите долго време го користат интернетот како средство за пропаганда. Во последниот период се’ почесто ги користат и социјалните мрежи како Фејсбук, за полесно да придобијат и да мобилизираат млади луѓе.

„За десничарските екстремисти интерактивните мрежи се идеална платформа за регрутација, затоа што се многу популарни меѓу младите“, вели Штефан Глазер, водач на Одделението за следење на десничарскиот екстремизам на интернет-платформата „заштитанамалолетници.net“

Организацијата, која добива поддршка од сите германски сојузни држави, го пребарува интернетот во потрага по кривични содржини и содржини кои се штетни за младите. Се‘ почесто овие содржини можат да се пронајдат на општествените мрежи. „Во многу случаи Фејсбук и Јутјуб во потполност ги заменија класичните интернет страници“, се наведува во извештајот од 2011. година. На интернет се случуваат најголемите законски прекршувања од страна на десничарските екстремисти. Изгледа дека неонацистите се чувствуваат посигурно на општествените мрежи затоа што сметаат дека на тој начин полесно ќе избегнат кривичен прогон, претпоставуваат интернет инспекторите на „заштитанамалолетници.net“.

Користа од општествените мрежи е очигледна.
„На овој начин десничарските екстремистички идеи можат да и се презентираат на масовната публика“, вели Глазер.

Прикриена пропаганда

Притоа, десничарското екстремистичко јадро на пораката најчесто е прикриено. Неонацистите користат емоционални теми, за да ја разбудат љубопитноста кај младите или за кај нив да создадат спонтано прифаќање. Кога, на пример, станува збор за заштита на деца од сексуално злоставување, голем број корисници веднаш притискаат на опцијата „ми се допаѓа“ или „сподели“.

Кога таквите кампањи ќе добијат илјадници кликови, тие добиваат и поголема тежина и се шират со молскавична брзина, како на пример, музичкото видео на десничарските екстремисти на тема злоставување на деца кое на Јутјуб доби повеќе од еден милион кликови. Дури подоцна на виделина излегуваат расистичките или анти-демократските ставови кои се карактеристични за неонацистичкиот светоглед.

Доколку интернет-инспекторите наидат на нелегални десничарски екстремистички содржини, тие веднаш можат да ги избришат, се’ додека тоа им го овозможуваат провајдерите. Во 2011. година инспекторите регистрирале повеќе од 970 избришани содржини на социјалните мрежи. Меѓутоа, многу често овие содржини набрзо по бришењето повторно се поставуваат на интернет-страниците, објаснува Глазер. Во таков случај важна е улогата на операторите на платформите. Технички е сосема можно да се препознае идентична содржина која повторно се поставува, за тоа да се спречи.