1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Десет убиени во Авганистан, еден од нив од Германија

Во североисточниот дел на Авганистан се убиени осуммина странски и двајца авганистански државјани, кои работеле за една христијанска хуманитарна организација.

default

Провинцијата Нуристан, североисток на Авганистан

Убиството на повеќето странски државјани во Авганистан се` уште е обвиено во мистерија. Според шефот на полицијата во североисточниот дел на земјата едно е јасно: телата на повеќе застрелани странски државјани се пронајдени во една зафрлена планинска област. Се работи за група лекари од очната клиника во Кабул, истакна Ага Нур Кентус, шеф на полицијата во провинцијата Бадахшан, кои биле убиени во провинцијата Нуристан, во близина на пакистанската граница. „Лекарите биле во Нуристан, каде се задржале две недели. Пред два дена, на 5 август, се упатиле во областа наречена Шарон. Таму биле пресретнати од група мажи. Излегле од возилата за да ручаат, но тогаш биле обиколени од групата мажи, кои најпрвин ги претресле, а потоа еден по еден ги убиле“, истакна Кентус.

Sechs deutsche Ärzte in Afghanistan erschossen

Странските лекари се од особено големо значење за обновата на Авганистан

Телата на загинатите очни лекари биле пронајдени во близината на нивните теренски возила. Шефот на полицијата вака го опишува натамошниот тек на настаните: еден Авганистанец го преживеал нападот и успеал да стигне до најблиската полициска станица, каде ги известил властите за случајот.

Талибанците веднаш ја презедоа одговорноста за нападот. Портпарол на екстремистите телефонски изјави дека убиените биле христијански мисионери, кои работеле како шпиони во регионот. Талибанците тврдат дека пронашле и документи што го докажуваат тоа.

Излет претворен во кошмар

Жртвите се лекари од меѓународната организација „Интернешнл асистенс мишн“. Според раководителот на организацијата, меѓу мртвите има и едно лице со германско државјанство, потоа еден Британец, шестмина американски државјани, како и двајца Авганистанци. Организацијата на својата интернет страница соопштува дека е можно лекарите да биле членови на мобилниот тим очни лекари. По извршувањето на своите обврски, тие се враќале кон Кабул, во моментот кога биле нападнати.

Шефот на полицијата на провинцијата Бадахшан објави и дека пред трагедијата, групата престојувала во околната џунгла: „Поминале два или три дена во џунгла. Локалните жители им посочиле дека таму е опасно. Лекарите возвратиле дека работат за очната клиника во Кабул и дека едноставно сакаат да помогнат, па затоа не се плашеле дека некој ќе ги повреди.“

На интернет страницата на меѓународната организација „Интернешнл асистенс мишн“ стои дека таа е христијанска организација, која сака да им помогне на Авганистанците.

Провинцијата Нуристан се гранични со Пакистан и на неколку места важи за особено несигурна. Многу често доаѓа до жестоки борби во таа област.

Автор: Каи Кистнер/ Трајче Тосев

Редактор: Александра Трајковска

DW.COM