1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Десет години потоа - сеќавање на жртвите од нападите во САД

Со емоционални собири и минута молчење, САД денеска (11.09) се сеќаваат на жртвите од терористичките напади пред десет години. Атентатите од темел го потресоа светот.

default

Граунд зиро денеска

По силни мерки за безбедност, денеска на Менхетен луѓето се собраа да им оддадат почит на загинатите во нападите од 11 септември 2001 година, во кои загинаа над три илјади луѓе. Минута молчење имаше во времето на ударот на првиот авион во една од кулите близначки на Светскиот трговски центар. Американскиот претседател Барак Обама ја читаше 46. псалма од Библијата „Бог е нашето уверување и нашата сила“. Церемонијата почна со читање на имињата на жртвите во нападите. Со минута молчење се одбележува и секој натамошен централен настан од 11 септември 2001 година, како ударот на вториот авион во кулите близначки или уривањето на третиот авион во Пенсилванија.

9/11 Gedenkfeier New York Ground Zero Obama

Американскиот претседател Барак Обама читаше од Библијата

Американскиот претседател веднаш по доаѓањето на Менхетен денеска прво го посети Граунд Зиро, местото каде што некогаш се наоѓаше Светскиот трговски центар, придружуван од неговата сопруга и од поранешниот американски претседател Џорџ Буш, кој беше на функција во времето кога се случија нападите. Во тие моменти, метрополата беше невообичаено тивка. Запре сообраќајот во Њујорк, а прекинаа и градежните работи во градот.

Поради информациите за нови планови за напади терористичката мрежа Ал Каеда, во Њујорк и Вашингтон се преземени големи мерки на безбедност. Полицијата во Менхетен, на пример, на сите приоди, тунели и мостови врши строги контроли на автомобилите, има поставено и неколку блокади на улици, а од минувачите бара лични документи за идентификација.

Flash-Galerie 9/11 Gedenkfeier New York Ground Zero

Во Њујорк и Вашингтон се преземени големи мерки на безбедност

Во своето неделно радио-обраќање, американскиот претседател Барак Обама вчера изјави дека САД се посилни од кога и да е и дека Ал Каеда е на пат кон пораз. Како образложение на својот став, Обама, десет години по нападите од 11 септември, ги наведе убиството на Осама бин Ладен и други лидери на Ал Каеда, зајакнувањето на американските специјални сили и подобрувањето на безбедноста на САД. Потесна е и соработката со сојузниците и партнерите во борбата против тероризмот.

„Сакаа да не‘ тероризираат, но ние како Американци, не сакаме да живееме во страв“, изјави Обама. Тој истовремено изјави дека не треба да се верува оти опасноста од тероризам веќе ја нема. „Да не правиме грешки: тие ќе се обидат повторно да не‘ удрат“, рече американскиот претседател, додавајќи дека затоа Америка останува будна.

Автор: ЕМФ/дпа

Редактор: Г. Чутаноски

 

DW.COM