1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Десетти Филмски Фестивал на Сараево

Како и што му прилега на едно јубилејно издание, Сараевскиот филмски фестивал почна со голем огномет и понекоја ѕвезда на светскиот филм, од кои најпознат е Џон Малковиќ

Сараево

Сараево

Но, црвениот тепих на страна, Фестивалот годинава донесе 180 филмски остварувања од 44 земји и тоа во повеќе програмски целини. Тука беа “Панорамата“ со играни и документарни филмови, “Оупен ер“ , во кој се прикажуваат најновите филмски хитови од светот, Регионалната програма, во која беа застапени автори од балканскиот регион, како и т.н “трибјут ту“ , кој годинава му беше посветен на животното дело на Душан Макавејев. Љубителите на Макавејев можеа да видат пет негови остварувања, почнувајќи со првенецот “Човекот не е птица“ , преку оспоруваниот “Мистерии на организмот“ , до “Кока кола кид“.

Главниот, натпреварувачки дел пак почна, исто како што наликува на јубилејни издание на еден Фестивал, со една светска премиера, филмот “Кај чичко ми Идриз“ на режисерот Пјер Жалица. Тоа е многу човечка приказна за еден човек, кој доаѓа по многу години на гости кај роднините, на кои синот им загинал во војната и сакајќи само да им го порави расипаниот бојлер, но всушност “им го поправа разнишаниот брак“. Како што вели самиот автор, станува збор за “филм за војната, во кој не се гледа ниту една воена слика, ниту пак таа се помнува со ниту еден збор“.

Во главната конкуренција љубпоитната публика беше почестена и со реномирани светски остварувања, како што е “Лошото воспитание“, последниот филм на славниот Педро Алмодовар или пак делото што заоѓа во полето на научната фантастика “Бесмртни“ од францускиот цртач и режисер Енки Билал.

Регионалната програма ја отвори хрватското остварување “Дружината Исусова“ остварување, кое за разлика од повеќето други не се занимава со војната, ниту пак со повоените теми. Станува збор за 17-тиот век и за обидот на језуитите преку еден наивен свештеник да го дограбат ботатството на грофицата Марија. Филмот, според авторот, Силвио Петрановиќ зборува всушност за борбата на единката за слобода, која е голем и вечен проблем и во 17-тиот и во 20-тиот, па и во 21-иот век.

Интересна филмска приказна плете и режисерот Арсен Антон Остојиќ во остварувањето “Таа прекрасна сплитска ноќ“. Во едната од нив едн момче го убива љубовникот на неговата мајка, кој е дилер на дрога. Во втората американски морнари се обидуваат да му најдат проститутка на еден колега, па наидуваат на една зависничка на која и е итно потребен хероин; додека во третата еден пар тинејџери бараат место за водење љубов, а наидуваат на градски дилер, кој покрај собата, нормално им подметнува и дрога.

Со дрогата се занимава и бугарскиот филм “Мила од Марс“ - приказна за една девојка која бега од некој опасен човек, при што допаѓа во погранично село, во кое старци одгледуваат марихуана – веќе насетувате - токму за оној од кого бега. Овој ниско буџетен филм на Зорница Софиа, според неа, претставува прв независен бугарски филм, создаден од млада екипа со просечна старост од 27 години.

Тука беше и албанскиот филм “Драг непријател“ на режисерот Ѓерѓ Џувани, кој раскажува вистинита приказна од времето на Втората светска војна, но фактички зборува за новите војни, како онаа во Ирак, на Косово и другите од балканскиот регион. Авторот посебно се занимава со односот меѓу муслиманите и христијаните на тие простори.

Во рамките на регионалната програма беше прикажан и филмот на Теона Стругар Митевска, “Како убив светец“.

Во рамките на регионалната “оф програма“ беше прикажан и филмот “Како лош сон“ на Антонио Митриќески, кој го следи животот на еден повратник од братоубиствените војни во поранешна Југославија.

Во категоријата краток филм, беше прикажан и филмот “Бубачки“ на Игор Иванов, кој беше особено задоволен од приемот кај сараевската публика и го исткнува заначењето на Сараевскиот фестивал, споредувајќи го со она што за поранешна Југославија значеше Фестивалот во Пула.

Конечно, особено внимание и одлични реакции на критиката и публиката предизвика документарецот на Марија Џиџева, “Списокот на Тони Манџа“.