1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Десетици повредени во трките со бикови во Памплона

Осум дена фестивал и 50 повредени лица – тоа е епилогот од трките со бикови на фестивалот Сан Фермин во Памплона, Шпанија. Најтешко повредена е 23-годишна девојка од Австралија, на која бик и’ го пробил градниот кош.

Во денешната завршна трка во Памплона бик со роговите и' го пробил грбот во делот на градниот кош на младата Австралијанка. Четири други лица се здобиле со исекотини и модринки во денешната трка, која траела само две минути и 16 секунди на растојание од 928 метри.

Хавиер Сесма, претставник на здравствените власти, истакна дека девојкта е тешко повредена и е хоспитализирана заедно со четирите други лица. Девојката има повеќе скршеници на ребрата и повреда на десното белодробно крило, а по извршената операција се наоѓа во тешка состојба.

На трката со бикови многу ретко учествуваат и жени. Хавиер Солано, експерт за фестивалот Сан Фермин, кој работи во шпанската државна телевизија ТВЕ, вели дека во скорешната историја на настанот се забележани само две други повреди на жени.

Речиси половина од повредените 50 лица на годинашниот фестивал се здобиле со сериозни повреди во текот на вчерашниот ден. 19-годишен Шпанец, кој престана да дише откако врз него паднаа многу тркачи, сега веќе дише без помош на апарати, соопштија од организацијата на фестивалот. 35-годишен Американец од Кливленд, Охајо, се опоравува во болница откако беше прободен во стомакот, му беше дупнат дигестивниот тракт и оштетен црниот дроб. Патрик Еклес, пак, кој е 20-годишен студент од Универзитетот во Јута, е во стабилна состојба, откако беше прободен од бик и остана без својата слезина.

Биковите Миура, кои можат да тежат и по 695 килограми, важат за шпанските најголеми и најбрзи бикови за борба и се користат во трките во Памплона. Осумдневниот фестивал потекнува од доцниот 16 век, иако постојат верувања дека тој почнал и три века претходно, и е посветен на „светецот заштитник“, а фестивалот Сан Фермин во Памплона стана познат благодарение на писателот Ернест Хемингвеј и неговиот роман од 1926 година „Сонцето повторно се раѓа“. Вообичаени по трката биковите се убиваат во арена.

Ваквите трки годишно во Памплона вообичаено оставаат по 200 до 300 повредени луѓе. Активистите за заштита на животните користењето на биковите во трките го оценуваат како сурово. Животните во овие трки се провоцираат и удираат, како од страна на организаторите, така и од страна на поднапиените гости. Но, нивната судбина и конечната дестинација се познати – смрт во арената.