Дербито Шалке – Баерн без победник, Штутгарт на второ место | Теми | DW | 06.11.2006
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Дербито Шалке – Баерн без победник, Штутгарт на второ место

Само реми на Вердер дома против Енерги Котбус, прв пораз на Нирнберг во 10-тото коло на Бундеслигата

Шалке против Барн Минхен

Шалке против Барн Минхен

Шалке не успеа да го совлада бранителот на титулата Баерн, иако беше на добар пат – по 20 минути игра веќе имаше водство од 2 спрема 0 со головите на Левенкрандс и Кобиашвили, но не можеше да го одржи. “Видовме различни лица на обете екипи. На почетокот на играта ние покажавме поголема страст и ангажман. Во второто полувреме, пак, можеше да се види големиот квалитет на Баерн. Тоа беше висока класа, на која не можевме да и’ парираме и не можевме да го држиме Баерн далеку од нашиот гол” – оцени тренерот на Шалке Мирко Сломка.

И покрај тоа што успеаја да спасат на прв поглед речиси загубен натпревар, задоволството кај гостите од Минхен беше умерено. Андреас Отл, чиј гол претставуваше увод во пресвртот што го доврши Рој Макај, рече: “Мислам дека не можеме да се чувствуваме како победници. Овде планиравме повеќе, сакавме да освоиме три бодови и не успеавме. Меѓутоа, кога отпосле ќе се фрли поглед врз текот на средбата, може да се биде задоволен”.

Разликата меѓу водечкиот Вердер и Баерн и Шалке остана иста – 3 бодови, но на втора позиција се уфрли Штутгарт со 18 бодови, 2 помалку од лидерот. Штутгарт во Ахен целосно ја надигра домашната Алеманија, што на крај резултира и со убедливата победа од 4 спрема 2.

Вердер не го оствари планот во средбата со Енерги Котбус и дома одигра само 1 спрема 1. Притоа, гостите беа незадоволни од резултатот! “Не сум задоволен, јасно и гласно - не сум задоволен. Како што течеше натпреварот не се чувствувам сосем добро. Факт е дека одигравме нерешено овде на Везер-стадионот во Бремен и не знам кому всушност му се намевна среќата” – рече тренерот на гостите од Котбус Патрик Зандер.

Во Бундеслигата по 10-тото коло веќе нема екипа што не ја почувствувала горчината на поразот: Херта во Берлин го совлада Нирнберг со 2 спрема 1 – за гостите тоа беше прв пораз во првенството по серија од седум последовни нерешени игри. Со 16 бодови Херта сега е не петтата позиција, а Нирнберг полека но сигурно тоне кон долниот дел на табелата.

Таму пак дојде до смена - сега на последно место е Хановер со седум бодови, откако во дуелот со директниот конкурент Бохум загуби со 2 спрема 0. Мајнц е претпоследен, но е охрабрен од нерешениот резултат 1 спрема 1 на гости кај Баер во Леверкузен. Ист број бодови како Мајнц – осум, има и Бохум, а пред него е Хамбургер, чија криза и натаму трае – доказ е и најновиот пораз со 1 спрема 0 на гостувањето кај Волфсбург. Пред Хамбургер на табелата е Борусија Менхенгладбах, која во слаб натпревар загуби на гостувањето кај Ајнтрахт во Франкфурт со 1 спрема 0.

Во помирни води пливаат Борусија Дортмунд и Арминија Билефелд, кои меѓусебе одиграа нерешено 1 спрема 1.